САД ја повикаа Бугарија да ги исполни своите обврски за заштита на човековите права

Американскиот амбасадор во Софија работи да се обрне внимание на проблемите со прекршување на човековите права во земјата, рече на денешниот распит во Претставничкиот дом Габриел Ескобар, претставник на Стејт дeпартментот за Западен Балкан. Распитот беше на тема ангажманот на САД во Западен Балкан. 

Ескобар ова го кажа одговарајќи на прашање за правата на македонското малцинство во Бугарија од конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Северна Македонија и македонско-американската заедницa.

Републиканската конгресменка Тени, која има големо искуство со дипломатска работа и присуство во регионот, истакна дека постојат 16 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права во однос на нарушување на правото на мирни собири и здружување на македонското малцинство во Бугарија.

Што прави администрацијата да осигура дека Бугарија, како НАТО членка, ги исполнува своите обврски, во однос на овие нарушувања на човековите права, го праша таа Ескобар

Нашиот амбасадор во Софија заедно со нејзините европоски партнери работи на тоа да се адресираат овие проблеми. Нашето партнерство со европските партнери е засновано на вредности, не само заедничкиот интерес, туку и споделените вредности, и сѐ што ја нарушува таа врска е од голема загриженост за нас, рече тој.

На сослушувањето, Ескобар изјави дека најсилната порака што ЕУ може да ја прати сега е да закаже датум за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа година. Потенцираше дека двете држави ја завршиле тешката работа што била потребна, и оти одложувањето на пристапниот процес поттикнува сомнеж во европската иднина на регионот

Back to top button
Close