САД бара суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН

Соединетите држави бараат суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН, по извештаите дека руските сили убиле десетици цивили во украинскиот град Буча. За отстранување на Русија од Советот, со седиште во Женева, ќе биде потребна поддршка од најмалку две третини од 193-те членки на Генералното собрание на ОН. Предлогот за отстранување може да се заснова ако се утврди дека една земја упорно врши грубо и систематско кршење на човековите права за време на нејзиното членство.

„Учеството на Русија во Советот за човекови права е фарса“, изјави денеска американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд за време на нејзината посета во романската престолнина Букурешт каде што разговараше за масовниот прилив на бегалци од Украина.

Русија, која моментално е во втората година од својот тригодишен мандат во Советот, ја нападна Украина на 24 февруари.

Русија мора да одговара, се зголемува осудата на убиствата во Украина

Нејзините трупи неодамна се повлекоа од Буча, кој се наоѓа на северозападното предградие на Киев, а по нивното повлекување беа пронајдени стотици тела на загинати цивили.

Фотографиите на кои се прикажани телата на некои од загинатите цивили со врзани раце шокираа многумина и поттикнаа повици за засилени санкции против Русија и кривично гонење на сторителите.

Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, на 2 април изјави дека околу 300 локални жители биле убиени за време на руската окупација на градот и дека околу 280 тела биле откриени во масовна гробница.

Русија ги отфрли обвинувањата дека нејзините сили биле вмешани во убиствата, нарекувајќи ги извештаите „провокација“.

 

 

Back to top button
Close