САД: Бројот на деца заразени од Ковид-19 се зголеми за 25 проценти

Бројот на деца заразени со коронавирус во САД се зголеми за 25 проценти во претходните две недели, поточно во периодот помеѓу 3. и 17 декември, соопшти денеска Здружението на Американската педијатриска академија (ААП).

Повеќе од 1,8 милиони деца низ САД се тестирани позитивно на коронавирус од почетокот на пандемијата, според последниот извештај.

Само минатата недела, повеќе од 182.000 случаи на коронавирус се пријавени кај деца, што е најголем пораст на заразени деца за една недела, објави Си-Ен-Ен.

Компликации, хоспитализација и смртен исход од Ковид-19 сè уште се многу ретки кај најмладата популација.

„Сепак, треба да собереме што повеќе податоци за долгорочните ефекти на пандемијата врз децата, вклучително и начини на кои вирусот може да го оштети здравјето на децата на долг рок, но и да им предизвика емоционални и ментални проблеми“, наведува ААП на својата веб-страница.

Од 17 декември, кога станува збор за хоспитализирани лица, се проценува дека децата сочинуваат помеѓу 1,1 и 2,8 проценти, во зависност од државата.

Помеѓу 0,2 и четири проценти од сите деца со Ковид-19 резултираа во хоспитализација во земјите што водеа евиденција, а помалку од 0,21 проценти од децата починаа од коронавирусот.

Во 13 сојузни држави во САД нема починати деца од вирусот, а низ целата територија на САД, стапката на смртност кај децата е 0,09 проценти. Тоа се однесува  на помладата популација под 17 години.

Си-Ен-Ен додава дека бројките се нецелосни, бидејќи сите држави во САД не даваат извештаи на ист начин.

Back to top button
Close