САД ги поддржуваат напорите на ЕУ членките да им помогнат на Македонија и Бугарија полесно да дојдат до решение

САД ги поддржуваат сите напори на Европската Унија и на нејзините земји-членки да им помогнат на Северна Македонија и Бугарија полесно да постигнат решение, изјави за Гласот на Америка портпаролот на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали САД ја поддржуваат понудата на Австрија да посредува меѓу двете држави во решавање на проблемот, како и дали би се вклучиле во евентуален посреднички процес.

„Историскиот Преспански договор покажа дека државите во Западен Балкан се способни да исполнуваат тешки работи, да прават компромиси и да наоѓаат решенија. Убедени сме дека Бугарија и Северна Македонија ќе го направат истото преку преговарање на нивните билатерални спорови надвор од пристапниот процес со ЕУ. САД ги охрабруваат сите напори на ЕУ и нејзините земји-членки да им помогнат на страните полесно да го постигнат овој резултат“, изјави портпаролот на Стејт департментот.

Тој, исто така, додаде дека САД се силни поддржувачи на кандидатурите за членство во ЕУ на сите аспиранти од Западен Балкан.

„Веруваме дека иднината на Западен Балкан е целосно во ЕУ. Процесот на проширување промовира дологорочен мир, стабилност и просперитет во регионот“, рече тој.

Австриската министерка за Европа и Устав Каролине Едштадлер понуди Австрија да посредува во преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел да се отстрани бугарското вето, и државата да може да ги почне пристапните преговори.

Според неа, би било голема грешка доколку билатералните конфликти и нерешени историски прашања бидат причина државата да не ги почне преговорите за влез во Унијата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close