САД го поддржуваат проектот Отворен Балкан особено затоа што не е наметнат однадвор, вели амбасадорот Хил

„Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме како и другите проекти за регионална интеграција“, изјави Хил за Радио-телевизија на Србија, воедно оценувајќи дека за поцелосна економска интеграција на регионот треба да се надминат политичките предизвици што произлегуваат од, како што вели, наследени проблеми и недоверба.

Инаку, претседателот на државата Стево Пендаровски неодамна го повика Брисел да направи приоретизација меѓу двете економски иницијативи – Отворен Балкан и Берлинскиот процес бидејќи во спротивно компетицијата меѓу двете може да предизвика поделби во регионот

Американскиот амбасадор во Белград денеска изјави дека Соединетите Американски Држави ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан, како и другите интегративни проекти во регионот.

Проектот Отворен Балкан Хил го оценува како многу позитивен, особено бидејќи не е наметнат однадвор и вели дека земјите од регионот мора да имаат модели на соработка.

„Ми се допаѓа што беше развиен овде на Балканот, не беше наметнат однадвор. Ние го поддржуваме, како и другите проекти за регионална интеграција“изјави Хил за Радио-телевизија на Србија, пренесува Бета.

Амбасадорот на САД во Србија оценува дека за поцелосна економска интеграција на регионот треба да се надминат политичките предизвици што произлегуваат од наследени проблеми и недоверба.

„Би рекол дека овде има многу историско наследство, повеќе од потребно, мора да најдеме начин да го надминеме“,вели Хил.

Инаку, Отворен Балкан е регионална иницијатива која има за цел да ја подобри слободата на движење на стоки, услуги и луѓе. Основана е во 2019 година од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Еди Рама и на Северна Македонија, Зоран Заев, под името Мини Шенген. Во 2021 година иницијативата беше преименувана во „Отворен Балкан“.

Иако поканети Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора досега се противат на приклучување на иницијативата. Меѓу причините што може да се слушнат од официјални претставници на овие земји се и оценките дека мотивите зад иницијативата се големодржавни проекти и дека иницијативата Отворен Балкан не е врзана за ниту еден стандард на Европската Унија, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Друг регионален проект кој има речиси идентични цели како и „Отворен Балкан“ е Берлинскиот процес кој во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. За разлика од ОБ, во Берлинскиот процес партиципираат сите шест земји од регионот на Западен Балкан – С Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Претседателот на државата Стево Пендаровски неодамна го повика Брисел да направи приоретизација меѓу двете економски иницијативи бидејќи во спротивно компетицијата меѓу двете може да предизвика поделби во регионот.

„Во економијата постои компетиција меѓу две иницијативи – Отворен балкан и Берлинскиот процес. Отворен Балкан е активен и работи веќе три години, но Брисел пред три месеци го враќа на голема врата Берлинскиот процес, а со последната конференција порача дека сака да биде промовиран во чадор организација во која другите ќе бидат само компонента. Двете иницијативи се корисни, меѓутоа мора да повикам до одговорните и надлежните во Брисел да направат приоретизација меѓу овие две работи затоа што ако тие тоа не го направат во Брисел ние на Балканот тоа никогаш нема да го направиме, а на таа основа луѓето прилично се делат, меѓудругото и затоа што во Отворен Балкан само три од шесте западнобалкански држави учествуваат“рече Пендаровски во своето обраќање на тркалезната маса насловена „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година?“ што се одржа на 12 јануари во организација на Советот на амбасадори.

На последниот самит на Отворен Балкан, кој се одржа на 14 ноември, премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, одговарајќи на новинарско прашање дали вреди да продолжи процесот на Отворен Балкан кој вклучува три од шесте земји од Западен Балкан кои се дел од Берлинскиот процес, рекоа дека Отворен Балкан е компатибилен со Берлинскиот процес и треба да продолжи.

Рама, говорејќи во овој контекст беше поексплицитен, рече дека вреди да се продолжи со Отворен Балкан кој, како што кажа, е доживотен процес, за разлика од Берлинскиот кој е отворен, но не е доживотен.

Back to top button
Close