САД го „погребуваат“ Курти?!
Оние што ја прават мирната револуција невозможна, ќе ја направат насилната револуција неизбежна!
Мерсел Биљали
Презентирајќи го својот кабинет пред пратениците, албанскиот премиер Еди Рама најпрвин ја претстави „министерката“ со вештачка интелигенција неречена „Диела“ (Сонце).
Тоа привлече големо внимание оти таквата „министерка“ успешно кибернетски ќе ги надгледува и уредува сите јавни тендери што владата ќе ги додели. „Диела“ е првиот член на владата кој не е физички присутен, не прима плата и не спие. Таа е создадена виртуелно од вештачка интелигенција за да помогне Албанија да стане „земја каде што кај јавните набавки ќе има „нулта корупција“.
На конститутивната седница на владата, „министерката Диела“ беше прва што зборуваше пред пратениците. Таа го започна својот говор велејќи дека се чувствува крајно „повредена“ од навредите и негативните коментари. „Некои ме нарекуваат неуставен фантом, други лош дух, а трети инструмент на измама!“ Таа нагласи дека уставот и законите не ги кршат машините, туку луѓето. „Затоа, ги молам пратениците да не ја спречат вештачката интелигенција, туку алчната природа на човекот“ – нагласи Диела.
Опозицијата и нејзините поддржувачи го споредуваат назначувањето на Диела за министер за тендери со гестот на римскиот император Калигула, кој го назначил својот коњ за сенатор, сакајќи да ги понижи и навреди сенаторите, дека тие немаат поголема вредност од неговиот коњ! Опозицијата и противниците на вештачката интелигенција нагласуваат дека овој модалитет ќе нè трансформира во некакви чудни суштества кои трајно ќе живеат во некаква вечна сегашност, без никаков извор на логичност, освен за оптимизирање на нашите формални услови, а крајно вознемирени во неизвесност, трансформирајќи се во човечност без човек.
Оние кои ја поддржуваат вештачката интелигенција се на мислење дека демократијата веќе го загубила своето значење и станала манипулативна алатка на моќни финансиски кругови, каде што не победуваат најодговорните, најзаслужните и најпаметните, туку најбогатите. Според нив, демократијата е само смоквин лист за да се покрие срамот што во голема мера луѓе со слабо достоинство а со силни финансии, управуваат со јавната судбина. Затоа, разумно се поставува прашањето зошто треба да имаме вакви институции, кога можеме успешно да ја користиме моќта на непристрасни дигиталните алатки и алгоритми. Во услови на дигитална технократија, дебатата за претставничката власт е губење време, башка што таквата регулација е кочница за напредокот. Кај повеќе народи, „народниот суверенитет“ веќе е претворен во масовна манипулативна стока.
Но, и спротивната страна нуди свои аргументи. Тие велат дека дигиталната интелигенција се состои од развивачи на технологија кои имаат свој авторитет да ги постават правилата за кои мислат дека треба да ги почитуваме. А тоа би била нивна волја за тоа како ние треба да се соочиме со иднината.
„Диела“ вели дека таа нема никаква потреба за авторитет, ниту за какви било интереси. Нема потреба од куќа или вила. Нема потреба да оди на одмор, па дури ниту да спие. Нема потреба да консумира храна, нема да добива плата за работата што ќе ја работи. Нема потреба да се корумпира. Ама нејзините противници мислат дека техно-експертите механички ги третираат политичките и емотивните проблеми. Дека само инженерските предизвици можат да се решат едноставно со технички средства. Поинаку, ќе се претвориме во човештво без човек.
САД против Курти!
Како атомска бомба одекна веста дека САД на неодредено време го суспендираат стратешкиот дијалог со Косово, како „последица на постапките на премиерот Курти“. Таков шок доаѓа токму од стратешкиот обликувач и чувар на косовската државност – САД! Велат дека така постапија поради популистички политики на Курти, често спротивно на елементарна логика. Никој не е толку празен како некој што е полн со себе. Дури и оние што беа бомбардирани од САД се приближуваат кон тaа сила, додека Косово на Курти, кое тие го спасија, се оддалечува од нив! Србија се ослободи од санкциите, а Косово влезе во нив! „Косово е суверена држава“ – вели Курти! Нормалните луѓе се срамат од работи на кои будалите се гордеат.
Веднаш по блокирањето на стратешкиот дијалог, тројцата лидери на косовски опозиција беа повикани во американската амбасада, и на излегување изјавија дека во блиска иднина мора да формираат прозападна влада и да го елиминираат Курти, кој според многу светски дипломати го украинизира Косово. Тој вон секоја логика ги исклучува Србите од институциите, го поткопува судството, вклучително и Уставниот суд. Имено, Курти со години се спротиставува на САД, а тие го создадоа Косово. Едни водачи, или воопшто немаат лице или имаат повече од две!
И воопшто не е случајно што деновиве на судењето во Хаг, како сведоци на одбраната во корист на поранешниите водачи Тачи, Весели, Јакупи итн., се појавуваат моќни американски личности како Џејмс Рубин поранешен помошник на американската државна секретарка Медлин Олбрајт, а никој од тој ниво не може да сведочи без дозвола од Стејт департментот. Целта е тие да се пуштат од затвор. Уморни се од Курти и неговата глупа автократија. Дополнително чашата се прелеа кога Курти ги игнорираше косовските правосудни органи, вклучително и Уставниот суд на Косово. Со таквите свои неодговорни постапки, тој го загрози и главниот одбранбен столб на Косово – КФОР. Со таков ментален склоп тешко би се справел и вештачката интелигенција!
Дури и тогаш кога се случи нападот на Бањско, зад кој стоеја српски подземни структури, Курти со своите постапки ја влошуваше состојбата. За девнаполитичка потреба ситуацијата во северниот дел на Косово континуирано се драматизираше. Логиката „око за око“ прави сите да постанат слепи. САД, како суперсила имаат за цел да ги помири и оние земји што едно време ги сметале за непријателски. Тие фрлија атомски бомби врз Јапонија, која сега ја сметат за многу блиска сојузничка. Во геополитиката не е толку важен вистинскиот момент, колу што вистинскиот сојузник, оти со вистински сојузник сите моменти стануваат вистинити. Курти не можел да разбере дека американската добрина завршува таму кај што започнува нечија глупа ароганција! Курти ги игнорираше сите американски предлози. Дури во еден момент, поранешниот државен секретар на САД тој го нарече „наивен“. А САД го создадоа Косово! Башка што во дипломатијата не се вели дека кралот доцни, туку дека сите други пристигнале порано.
Локалните избори во Косово ќе се одржат за околу три недели, каде што се очекува голем пад на партијата на Курти, а тоа би можело да предизвика нови парламентарни избори во Косово, кога САД ќе ја принудат опозицијата да се обедини, испраќајќи го Курти во трајна политичка пензија. Моќни американски сведоци во Хаг ќе ги ослободат поранешните обвинети лидери од кои Курти се плаши повеќе отколку од смртта. Всушност, постои голема можност за наскоро одржување и парламентарни избори во Косово. Двојната игра игра и претседателката Вјоса Османи, која пред неколку месеци го нарече Курти „марксист-ленинист“, сега пак сега од свои лични причини се здружи со него. Сега таа жена ги изгуби сите свои шанси, за кои го вложи целиот свој потенцијал. И тоа е нејзиниот единствен талент.