САД и ЕУ загрижени поради израелските напади врз Дамаск и јужна Сирија

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека САД се загрижени поради нападите на Израел врз Сирија, додавајќи дека неодамна разговарал со релевантните страни по телефон.

-Во моментов работиме на решавање на ова прашање. Многу сме загрижени и се надевам дека ќе можам да кажам повеќе подоцна, рече Рубио.

Европската унија соопшти дека блокот е „алармиран“ од конфликтот и ги повика двете страни да постигнат прекин на огнот и да ги заштитат цивилите.

ЕУ ги повика сите „надворешни актери“ целосно да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.

Турција го осуди израелскиот напад, велејќи дека Тел Авив се обидува да дестабилизира „земја разурната од војна“.

-Израелските напади врз Дамаск, по воената интервенција во јужна Сирија, претставуваат чин на саботажа на сириските напори за постигнување мир, стабилност и безбедност, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Американскиот пратеник за Сирија, Томас Барак, денеска ги повика сите страни да се „повлечат“ и да се вклучат во дијалог за постигнување прекин на огнот во Сирија.

-Недвосмислено го осудуваме насилството врз цивилите во Свеида на југ (со мнозинско население Друзи). Сите страни треба да се повлечат и да се вклучат во конструктивен дијалог што води до траен прекин на огнот, напиша Барак на „X“.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, претходно денеска ја осуди меѓународната заедница за нејзиното молчење по нападот врз заедницата Друзи во јужна Сирија.

-Гледаме дека во Сирија прогонот на малцинствата се повторува, до степен да ескалира во масакри и погроми. Понекогаш го вршат режимските сили, понекогаш џихадистичките милиции кои се дел од базата на режимот, и најчесто го прават тоа заеднички, рече Сар, според „Тајмс оф Израел“.

Тој додаде дека во јужна Сирија сега се гледаат исклучително вознемирувачки сцени на убиства и понижување на цивили.

-Што уште треба да се случи за да реагира меѓународната заедница? Што уште чекаат?, праша Сар.

Израелскиот министер додаде дека интересите на Израел во Сирија се „познати, ограничени и јасни“, откако израелските сили извршија напади за заштита на Друзите.

Back to top button
Close