САД и Иран се согласија да работат на конечен мировен договор во рок од 60 дена
Високи претставници на САД и на Иран постигнаа согласност за склучување конечен мировен договор во рок од 60 дена и за воспоставување посебен механизам насочен кон прекин на војната во Либан, соопшти пакистанската новинска агенција АПП, пренесува БТА.

Договорот беше постигнат по завршувањето на првиот круг разговори за рамката на Меморандумот за разбирање.
Во преговорите учествуваа претставници на Иран, САД и на двете земји посредници – Катар и Пакистан. Според заедничкото соопштение на Доха и на Исламабад, разговорите ќе продолжат во текот на целата недела во швајцарското одморалиште Бургеншток и ќе ги опфатат сите клучни прашања.
Делегациите беа предводени од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф, катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани, и претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф.
Во рамките на новиот формат, двете страни се договорија да воспостават директна комуникациска линија за спречување инциденти на море и за гарантирање безбедно минување на трговските бродови низ Ормуска Теснина.
„Средбата покрај езерото Луцерн се одвиваше во позитивна и конструктивна атмосфера. Постигнат е охрабрувачки напредок, вклучително и воспоставување механизам за дополнителни технички преговори“, се наведува во заедничкото соопштение.
Страните се согласија и за формирање висок комитет кој ќе врши политички надзор врз посредничкиот процес. Главните преговарачи редовно ќе го информираат комитетот и ќе раководат со работните групи за нуклеарната програма, санкциите, како и со групата за следење и решавање спорови, која ќе го надгледува спроведувањето на меморандумот.
Според соопштението, Високиот комитет веќе одобри патоказ за постигнување конечен договор во рок од 60 дена, што ќе овозможи веднаш да започнат дополнителни технички разговори.
Покрај тоа, договорено е воспоставување посебна комуникациска линија за избегнување недоразбирања и инциденти кои би можеле да го загрозат поморскиот сообраќај во Ормуска Теснина.
Страните се согласија и за формирање координациски механизам за спречување конфликти во кој ќе учествуваат САД, Иран и Либан, со посредство на Катар и на Пакистан. Целта е да се обезбеди почитување на договорениот прекин на непријателствата во Либан согласно меморандумот.
Катар и Пакистан соопштија дека ќе продолжат да вложуваат напори за одржување конструктивна атмосфера во преговорите и за постигнување конечен договор.
Во заедничкото соопштение тие изразија благодарност до САД и до Иран за нивната посветеност на дипломатијата и на мирното решавање на конфликтот, како и до другите земји кои ги поддржуваат преговорите.
По средбата, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека „неуморните посреднички напори на Пакистан и на Катар доведоа до значителен напредок во насока на завршување на војната во Либан“.
Според него, укинати се ограничувањата за извоз на нафта и петрохемиски производи, прекината е блокадата, ослободен е дел од замрзнатите ирански средства и започнат е обемен план за обнова и за развој на Иран.
– Првиот вистински тест ќе биде функционирањето на механизмот за координација и за спречување конфликти во Либан – додаде Арагчи.






