САД и Израел разгледуваат можност Појасот Газа да биде ставен под американска преодна управа
САД и Израел водат неформални разговори за тоа Вашингтон да предводи привремена управа во Газа по крајот на војната, јавуваат извори запознати со дискусиите, јави денеска „Ројтерс“, пренесе „Тајмс оф Израел“
Според пет извори кои побарале да не бидат именувани бидејќи не се овластени да зборуваат за темата, разговорите се фокусираат на формирање преодна власт под американско водство за администрирање на Газа, сè додека не се постигне демилитаризација, стабилизација и создавање одржлива палестинска администрација.
Разговорите се во рана фаза и засега не се одредени рокови за времетраењето на ваквата управа, укажуваат изворите.
Изворите го споредија предлогот со Коалициската привремена власт во Ирак што Вашингтон ја воспостави во 2003 година, кратко по инвазијата предводена од САД со која беше соборен Садам Хусеин. Власта беше перцепирана од многу Ирачани како окупаторска сила, по што ја префрлија власта на привремената ирачка влада во 2004 година, откако не успеа да го спречи растечкиот бунт.
Други земји ќе бидат поканети да учествуваат во владата предводена од САД во Газа, велат изворите, без да наведат кои. Тие велат дека администрацијата ќе се потпре на палестинските технократи, но ќе ја исклучи исламистичката група Хамас и Палестинската самоуправа, која има ограничена власт во окупираниот Западен Брег.
Исламистичката група Хамас, која владее со Газа од 2007 година, ја предизвика сегашната војна кога нејзините милитанти упаднаа во јужните израелски заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, претежно цивили, и заробувајќи уште 251.
Изворите велат дека сè уште не е јасно дали може да се постигне каков било договор. Дискусиите не напреднале до тој степен што ќе се разгледува кој би можел да ги преземе клучните улоги, рекоа тие. Изворите не прецизираа која страна го доставила предлогот, ниту пак дадоа дополнителни детали за разговорите.
Како одговор на прашањата на Ројтерс, портпаролот на Стејт департментот не коментираше директно дали имало разговори со Израел за привремена власт предводена од САД во Газа, велејќи дека не можат да зборуваат за тековните преговори.
– Сакаме мир и итно ослободување на заложниците, рече портпаролот, додавајќи дека: „Столбовите на нашиот пристап остануваат цврсти: да се залагаме за Израел, да се залагаме за мир“.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одби да коментира.
Во априлското интервју за „Скај њуз Арабија“, во сопственост на Емиратите, израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар рече дека верува оти ќе има „транзициски период“ по конфликтот во кој меѓународен одбор на доверители, вклучувајќи „умерени арапски земји“, ќе го надгледува Газа, а Палестинците ќе работат под нивно водство.