САД и Украина го потпишаа „историскиот“ договор за ресурси

По долго натегање, Соединетите Американски Држави и Украина се договорија да основаат фонд за реконструкција кој на САД ќе им овозможи и пристап до природните ресурси во земјата нападната од Русија.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го потпишуваат договорот за суровини во ВашингтонФотографија: US Treasury Departement/dpa/picture alliance

Американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го потпишаа договорот во главниот град на САД, Вашингтон. Текстот на договорот сѐ уште не е објавен, но со него е предвиден инвестициски фонд за заедничка експлоатација на украинските природни ресурси, кој би требало да генерира средства за обнова на земјата разурната од војна.

САД со договорот добиваат привилегиран пристап до украинските ресурси, вклучително и ретки метали, кои се важни за високата технологија и имаат стратешко значење. Министерот Бесент не беше особено конкретен во врска со содржината на договорот, но изрази задоволство поради неговото склучување.

Украинската вицепремиерка Свириденко даде повеќе детали. Идниот фонд за обнова треба да инвестира во проекти за експлоатација на минерали, нафта и гас, како и во соодветната инфраструктура, појасни таа. „Украина и САД заеднички ќе ги одредат инвестициските проекти што треба да се финансираат“, напиша таа на Фејсбук.

Може да се инвестира само во Украина. Фондот во првите десет години не треба да распределува добивки и приходи, туку да ги реинвестира. За да одговори на загриженоста во Украина поради можна распродажба, Свириденко нагласи дека со фондот ќе се работи на рамноправна основа со САД. Украина во фондот нема да учествува со свој удел од постојните проекти за суровини, туку ќе плаќа 50 отсто од приходите од идните лиценци за производство или продажба на суровини.

 

 

Трамп изврши огромен притисок

Договорот за суровини е склучен во клучна фаза од преговорите за мировен договор: американскиот претседател Доналд Трамп се залага за брз крај на војната во Украина и неодамна изрази фрустрација поради недостатокот на напредок.

Во минатото, републиканецот вршеше огромен притисок врз Украина во врска со прашањето за ресурсите. Тој ги гледаше потенцијалните профити од експлоатација на ресурси како компензација за финансиска и воена поддршка од Соединетите Американски Држави.

По сега постигнатиот договор, Трамп нагласи дека САД ќе добијат многу повеќе отколку што инвестирале досега. Тој го повтори својот став дека економското присуство на САД во Украина, исто така, претставува безбедносна гаранција за земјата.

 

Украина не мора да ја враќа воената помош

Точка на спор во преговорите беше дали Украина преку експлоатација на суровини ќе мора да ја врати американската воена и финансиска помош. Според Свириденко, тоа не е така. САД би можеле да придонесат во фондот и со воена помош, на пример со оружје за противвоздушна одбрана, објасни таа. Украина нема да мора да сноси никакви долгови поради помошта од САД во оружје или финансиска помош од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Во ниту една од двете земји не треба да се наплаќаат даноци на приходот на фондот.

Пред да стапи во сила, договорот мора да биде ратификуван од страна на украинскиот парламент. Премиерот Денис Шмихал и пред потпишувањето на договорот уверуваше: „Украина ја задржува контролата врз своите ресурси. Тоа значи дека минералните ресурси, инфраструктурата и суровините не се дел или предуслов за фондот или договорот“. Тоа е „навистина еднаков, добар меѓународен договор за заеднички инвестиции во развојот и обновата на Украина“, изјави Шмихал.

(dw)

Back to top button
Close