САД-Иран: Атомските преговори влегуваат во одлучувачка фаза

Американскиот специјален претставник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи денеска во Рим треба да седнат на петта рунда преговори околу иранската атомска програма. Посредник меѓу двете страни е Оман.

Двете страни изразија оптимизам пред почетокот на разговорите. Сепак, по неодамнешната средба во главниот град на Оман, Мускат, на површина излегоа јасни разлики. Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека петтиот состанок на преговарачите се одржува само затоа што САД веруваат дека е можен договор. „Веруваме дека ќе успееме.“ Иранците ги разбираат барањата на САД и ќе продолжат да учествуваат во преговорите, изјави таа. САД бараат иранската влада целосно да го запре облагородувањето на ураниум – од перспектива на Вашингтон, тоа е неопходна мерка за трајно спречување на развој на иранско нуклеарно оружје. Техеран го отфрла ова барање, но се чини дека е подготвен повторно да ја ограничи својата нуклеарна програма и да воведе построги контроли.

Иранскиот министер за надворешни работи, Арагчи, синоќа (22.05) на платформата X напиша: „Наоѓањето начин за договор не е врачарење. Нула нуклеарно оружје = имаме договор. Нула облагородување = немаме договор“. Сега е време да се донесе одлука, оценува Арагчи.

 

Трамп се повлече од Виенскиот нуклеарен договор во 2018 година

Во центарот на спорот околу нуклеарната програма на Иран е прашањето за нејзината употреба – додека Техеран нагласува дека се стреми исклучиво кон цивилни цели, владите на Западот се плашат од изградба на нуклеарна бомба.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна му се закани на Иран со воена сила доколку нема договор. Во 2015 година, Иран веќе се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во рамки на Виенскиот нуклеарен договор, по долги преговори со Кина, Русија, САД, Франција, Германија и Велика Британија. Но, Трамп еднострано се повлече од договорот во 2018 година и воведе нови, строги санкции.

Иран моментално облагородува ураниум до чистота од 60 проценти – според експертите, за атомско оружје се потребни над 90 проценти. Со Виенскиот нуклеарен договор беше предвидено земјата да облагородува ураниум до максимум 3,67 проценти и да има залихи до 300 килограми ураниум, употребливи за нуклеарни централи за производство на електрична енергија.

Иранското раководство ја поврзува можноста за нов договор со деескалација на воените тензии во регионот од една страна, и со укинување на санкциите од друга страна. Со оглед на политичката и економската изолација во последните години, Техеран значително ги прошири своите односи со Кина и Русија преку стратешки партнерства.(dw)

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close