САД: На доживотен затвор осудени криумчари во чиј камион се задушија 53 мигранти

Двајца мажи, членови на шверцерска мрежа прогласени за виновни за смртта на 53 мигранти во камион во Тексас во 2022 година, беа осудени вчера едниот на доживотен затвор, а другиот на 83 години затвор.

EPA-EFE/ADAM DAVIS

Федералниот суд во Сан Антонио ја донесе својата пресуда за 30-годишниот Фелипе Ордуна-Торес и 55-годишниот Армандо Гонзалез Ортега, точно три години од денот кога трагедијата излезе на виделина.

Фелипе Ордуна-Торес, кој се смета за водач на мрежата, беше осуден на доживотен затвор. Неговиот соучесник, кој помогна во координирањето на операцијата, беше осуден на 83 години затвор. Пет други мажи беа прогласени за виновни во истиот случај, но нивните казни ќе бидат објавени во ноември или декември.

Наводниот член на истата мрежа, Ригоберто Миранда-Ороско, беше уапсен во Гватемала во август 2024 година и екстрадиран во Соединетите Држави, каде што ќе му се суди на 29 септември.

Околу 60 мигранти од Гватемала, Хондурас и Мексико, вклучувајќи осум деца и една бремена жена, се качија на камион кон крајот на јуни 2022 година, чиј систем за климатизација не работеше.

За време на патувањето од мексиканската граница до Сан Антонио, температурата во возилото се покачила и некои од мигрантите почнале да повикуваат на помош, удирајќи по металните панели, но без успех.

Вкупно, 53 од нив починале, 48 пред возилото дури и да стигне до Сан Антонио. Останатите 5 починале во болницата каде што биле однесени, а само 11 преживеале.

„Овие криминалци ќе го поминат остатокот од животот во затвор затоа што направиле суров избор да профитираат од човечката трагедија“, изјави државниот обвинител Пам Бонди.

Според обвинението, секој имигрант им платил на шверцерите од 12.000 до 15.000 долари.

Back to top button
Close