САД привремено го стопираа пакетот санкции кон Русија пред посетата на пратеникот Виткоф на Москва
САД привремено го запреа разгледувањето на обемен двопартиски пакет санкции против Русија, во момент кога се очекува специјалниот пратеник на актуелниот претседател на САД Доналд Трамп, Стив Виткоф, да ја посети Москва, објави „Кијев пост“.

Според весникот, предлог-законот бил повлечен од дневен ред во Сенатот додека главниот преговарач на Трамп не отпатува во Москва следната недела, што во Вашингтон се толкува како сигнал дека Белата куќа во овој период му дава приоритет на дипломатскиот канал со Русија.
Одлуката следуваше непосредно откако рускиот претседател Владимир Путин, на прес-конференција во Бишкек, изрази изненадување од најновиот пакет американски санкции насочени кон две руски нафтени компании.
Путин потсети дека на неодамнешниот руско-американски самит на Алјаска двете страни постигнале „разбирање“ за чекорите потребни за да се започне решавањето на конфликтот во Украина, додавајќи дека новите потези на Вашингтон се во спротивност со договореното.
– И одеднаш САД објавуваат санкции против две наши нафтени компании. Кој е мотивот за тоа? Искрено да ви кажам, дури и не разбирам што се случува, изјави Путин.
Рускиот претседател неодамна назначи официјална преговарачка делегација за украинското прашање, што во Москва се толкува како знак дека дијалогот би можел да се обнови доколку Вашингтон покаже подготвеност да делува во согласност со договорените рамки.






