САД се подготвени да ги продолжат преговорите со Северна Кореја

Претставникот на претседателот Доналд Трамп за Северна Кореја денеска изјави дека американската администрација е подготвена да ги продолжи нуклеарните преговори и покрај инсистирањето на Пјонгјанг дека нема намера да разговара со Вашингтон.

Заменик државниот секретар на САД, Стивен Биган, разговараше со новинарите после средбата со јужнокорејските официјални претставници во Сеул, на која е потврдена заедничка определба за дипломатски пристап за решавање на нуклеарниот спор со Северна Кореја, но избегнаа конкретни одговори за што разговарале.

Состаноците следуваа неколку часа откако севернокорејските државни медиуми објавија за посетата на лидерот Ким Џонг Ун на мавзолејот во Пјонгјанг за да му оддаде почит на неговиот покоен дедо и основач на државата Ким Ил Сунг на годишнината од неговата смрт.

Севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) не информира за никаков коментар на Ким Џонг Ун за преговорите со САД, кои беа прекинати во февруари минатата година, затоа што Американците го отфрлија барањето на Северна Кореја за укинување на повеќето санкции во замена за делумно намалување на нуклеарниот арсенал на Пјонгјанг.

По разговорите со претставникот за нуклеарни прашања на Јужна Кореја Ли До-Хун, Биган изјави дека Вашингтон е подготвен да го продолжи дијалогот со Северна Кореја кога Ким ќе избере овластен претставник за преговори за клучните прашања.

– Кога претседателот Ким ќе назначи претставник кој е подготвен и овластен да преговара за овие прашања, ние ќе бидеме подготвени, рече Биган.

Биган, кој вчера се сретна и со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Канг Кјунг, се очекува да разговара и со најблиските соработници на претседателот на Јужна Кореја пред да отпатува во Јапонија во четврток.

Back to top button
Close