САД се враќаат на Глобалната акција за климата на дигитален Самит во Холандија

– На виртуелниот Самит за прилагодување на климата САД денеска и официјално се враќаат кон Глобалната акција за климата, а се очекува на него да предложат практични решенија за планетата да се направи поотпорна на ефектите од климатските промени.

На помалку од една недела откако претседателот Џо Бајден најави враќање на САД во Парискиот договор за климата од 2015 година, неговиот специјален пратеник Џон Кери денеска ќе им се придружи на дваесетината светски лидери, вклучувајќи ги и сегашниот и поранешниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш и Бан Ки-мун, кинескиот вицепремиер Хан Зенг, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон и други лидери.

На Самитот за прилагодување на климата (CAS), домаќин е Холандија, а учесниците ќе разговараат за низа практични решенија и планови за заштита на земјите и економиите од суша, топлотни удари, покачување на нивото на морето и поплави до 2030 година.

Пред самитот, повеќе од 3.000 научници од целиот свет ги повикаа лидерите подобро да ги заштитат луѓето од ефектите на глобалното затоплување, пренесуваат британските медиуми.

„Нашиот свет што брзо се затоплува веќе доживува големи нарушувања предизвикани од интензивни суши, пожари, топлотни бранови, поплави, разорни тропски циклони и други екстремни настани“, велат научниците, меѓу кои и петмина добитници на Нобелова награда.

„Ако сега не ги засилиме нашите напори и не се прилагодиме сега, резултатите ќе бидат зголемување на сиромаштијата, недостиг на вода, загуби во земјоделството и зголемување на миграцијата со огромни загуби на човечки животи“.

„Климатските промени можат да го намалат глобалното производство на храна за 30 проценти, да го зголемат нивото на морето и да предизвикаат повеќе бури што можат да принудат стотици милиони крајбрежни градови и села да ги напуштат своите домови“, изјави  организаторот на самитот на Глобалниот центар за адаптација (GCA).

-Нема вакцина за климатските промени, рече претседателот на ГЦА, поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, нагласувајќи дека „се се случува многу, многу побрзо отколку што мислиме, предизвикувајќи ризици во каскадите. Градењето отпорност на климатските промени не е пријатна задача, но е императив“.

Back to top button
Close