САД се закануваат со контрамерки откако ЕУ го казни „Икс“ на Маск

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска се закани со широк опсег на контрамерки против давателите на услуги од ЕУ, вклучувајќи можни такси или ограничувања, доколку компаниите продолжат со „дискриминаторски“ постапки.

Канцеларијата на американскиот трговски претставник (УСТР) во објава на платформата „Икс“ ја обвини ЕУ и некои од земјите-членки за „дискриминаторски и вознемирувачки тужби, даноци, казни и директиви против американските услуги“, додека во исто време рече дека давателите на услуги од ЕУ „слободно работат“ во САД, укажувајќи, меѓу другите на, „Акценчр“ (Accenture), ДХЛ (DHL), „Сименс“ (Siemens) и „Спотифај“ (Spotify).

„Ако ЕУ и земјите-членки инсистираат на продолжување на ограничувањето и одвраќањето на конкурентноста на американските даватели на услуги со дискриминаторски средства, САД нема да имаат друг избор освен да почнат да ја користат секоја алатка што им е на располагање за да се спротивстават на тие неразумни мерки“, напиша УСТР.

Оваа закана дојде откако регулаторите на ЕУ претходно овој месец изрекоа казна за платформата за социјални медиуми „Икс“ на Илон Маск.

„Ако бидат потребни мерки за одговор, американскиот закон дозволува, меѓу другото, проценка на такси или ограничувања за странските услуги“, се наведува во објавата на УСТР.

Европската комисија го казни „Икс“ со 120 милиони евра поради прекршување на правилата за транспарентност, во согласност со Актот за дигитални услуги.

Два дена подоцна, социјалната мрежа ја укина сметката за огласи на Европската комисија, а сопственикот Илон Маск ја спореди Унијата со нацистичка Германија.

ЕУ појасни дека казната е изречена бидејќи платформата ги доведувала во заблуда корисниците, им ги ускратувала податоците на истражувачите и не ги документирала транспарентно огласите.

Трамп претходно ја критикуваше казната што регулаторите за технологија на ЕУ ја одредија за платформата „Икс“. „Европа се движи во лош правец“, рече тој.

Back to top button
Close