САД со остри критики за затворањето на филијалите на српската банка во северно Косово

Американскиот Стејт департмент изрази разочарување поради затворањето на шесте филијали на српската „Банка поштенска штедилница“ на северот на Косово од страна на косовската полиција, истакнувајќи дека „оваа акција не беше координирана со меѓународните партнери“ и дека придонесува за зголемување на тензиите во областа.

Портпарол на Стејт департментот, во изјава за Гласот на Америка што ја пренесуваат медиумите во Приштина, оцени дека вчерашната акција на косовската полиција „ја поткопува перцепцијата дека Косово дејствува со добра волја за решавање на споровите Србија преку дијалогот кој го олеснува Европската унија“.

 

Портпаролот истакна дека „владата на САД постојано бара координација меѓу нашите влади“ за да се поддржи напредокот на Косово на неговиот евроатлантски пат, вклучително и неодамна „од заменичката државен секретар Елизабет Ален на нејзиниот состанок со премиерот (Албин) Курти на 19 мај“.

 

Стејт департментот ја повтори загриженоста на САД во врска со мерките на Централната банка на Косово за ограничување на употребата на српскиот динар.

 

„Ја повикуваме косовската Влада да се врати на конструктивните заложби во дијалогот посредуван од ЕУ како вистински пат за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите свои граѓани – вклучувајќи ги и потребите на српското малцинство – кои се негативно погодени од неодамнешните промени во регулативата за валутата“, изјави портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка.

„Банка поштенска штедилница“ е институцијата која ги распределуваше плаќањата од Белград за граѓаните од српска националност во Косово.

Косовската полиција изјави дека операцијата за затворање на филијалите на таа банка е изведена во соработка со Централната банка на Косово и Косовската даночна администрација, и дека целта била „воспоставување на ред и законитост“, нарекувајќи ја српската банка на северот од земјата нелегална.

Полицијата соопшти дека се конфискувани „околу милион и 600 илјади евра, 74 милиони и 700 илјади динари, 19 илјади и 500 франци, 13 илјади и 800 американски долари, 40 австралиски долари, како и документација и други докази“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечаља на социјалните мрежи напиша дека „владеењето на законот и редот, служењето на сите граѓани без никаква разлика и понатаму ќе биде наша цел за која континуирано се обврзуваме“.

Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ ја опиша акцијата како „уште еден насилен чин на укинување на српските институции на север и прогон на српскиот народ“.

Тој рече дека „Албин Курти сака војна и страдање за српскиот народ, бидејќи сè што прави во последните месеци, го прави исклучиво за протерување на Србите од територијата на Косово“.

Акцијата спроведена во понеделникот се случи речиси четири месеци по стапувањето во сила на регулативата на Централната банка на Косово според која еврото е единствената валута што може да се користи за готовински плаќања во Косово.

Косово и Србија се договорија да разговараат во Брисел со посредство на Европската унија за изнаоѓање решение за прашањето за исплатите, но без исход и по седум средби.

Дипломатите постојано ја повикуваа владата на Косово да ја повлече регулативата на Централната банка и да им даде време на погодените граѓани да се приспособат на новонастанатата ситуација. Ова прашање стана тема на несогласување меѓу владата во Приштина и западната дипломатија и негативно се одрази на квалитетот на партнерството со САД.

Back to top button
Close