САД воведуваат санкции за Италијанката која е специјален известувач на ОН за Палестина

САД воведуваат санкции за Франческа Албанезе, специјалната известувачка на ОН за човекови права на окупираните палестински територии, поради нејзините напори Меѓународниот кривичен суд (МКС) да преземе мерки против американски и израелски функционери, компании и нивните лидери, изјави американскиот државен секретар.

Обвинувајќи ја Албанезе за пристрасност во својот извештај, американскиот државен секретар Марк Рубио рече дека нејзиното инсистирање МКС „да истражува, апси, притвора или гони“ американски и израелски граѓани е директно кршење на суверенитетот на двете земји.

„Нема да толерираме вакви кампањи на политичка и економска војна што ги загрозуваат нашите национални интереси и суверенитет“, рече Рубио.

Во својот извештај, Албанезе го повика Советот за човекови права на ОН да воведе ембарго за оружје и да ги прекине сите трговски и финансиски врски со Израел, тврдејќи дека земјата води „геноцидна кампања“ во Појасот Газа. Извештајот беше поддржан од Иран, Венецуела, Катар и некои други арапски земји.

Хилел Нојер, меѓународен адвокат, активист за човекови права и директор на организацијата „United Nations Watch“, ја доведе во прашање „рамнотежата“ на извештајот и истакна дека во него Албанезе го обвини Израел за геноцид 68 пати, додека „ниту еднаш не се спомена инвазијата на Хамас на југот на Израел на 7 октомври 2023 година и масакрот на 1.200 луѓе и киднапирањето на над 250 луѓе, од кои некои се уште се во заробеништво“.

„Не споменавте дека Хамас вети дека ќе го повтори масакрот, не го споменавте Хезболах, кој му се придружи на Хамас во војната против Израел еден ден по масакрот, и го изоставивте Иран, кој финансира и обучува прокси групи“, го цитираше Нојер, Фокс њуз.

Нојер, исто така, потсети дека Германија, Канада, Франција, Холандија, Аргентина, Унгарија и САД ги осудија нејзините изјави како „антисемитски“ и побараа нејзино отпуштање.

Во извештајот, Албанезе обвини 60 компании, вклучувајќи големи производители на оружје и технолошки компании, за поддршка на израелските населби и воените операции во Газа. Таа ги повика компаниите да ја прекинат соработката со Израел и побара правна одговорност за директорите вклучени во наводни кршења на меѓународното право.

Албанезе е еден од независните експерти за човекови права овластени од ОН да известуваат за специфични теми и кризни жаришта. Ставовите на специјалните известувачи не ги одразуваат ставовите на таа глобална организација како целина.

Откако се врати во Белата куќа на 20 јануари, претседателот Доналд Трамп го суспендираше учеството на САД во Советот за човекови права на ОН, ја продолжи забраната за финансирање на UNRWA, агенција за помош на Палестинците, и нареди преиспитување на членството во УНЕСКО.

Неговата администрација, исто така, воведе санкции врз четири судии на МКС како одговор на издавањето налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претходната одлука за гонење на наводни воени злосторства од страна на американските трупи во Авганистан.

Back to top button
Close