САД запленија танкер „Олина“ на Карибите – петти удар врз венецуелската нафта

Соединетите Американски Држави запленија уште еден танкер во Карипското Море, во акција што Вашингтон ја претставува како дел од засилената кампања за ограничување на извозот на венецуелска нафта. Станува збор за танкерот „Олина“, кој е петти брод погоден во последните недели во рамки на мерките против т.н. „сива флота“ – мрежа на пловила што, според американските власти, транспортираат санкционирана нафта со маневри за прикривање на потеклото и сопственоста.

Според достапните информации, пресретнувањето се случило пред зори и поминало „без инцидент“. Американската Јужна команда објави дека маринци и морнари од заедничката оперативна група Southern Spear ја пресретнале „Олина“ во Карипското Море, при што била испратена порака дека „нема безбедно засолниште“ за оние што ја прекршуваат блокадата.

Во јавните бродски бази „Олина“ се води како пловило што лажно пловело под знаме на Источен Тимор, а индустриски извор за странските агенции тврди дека танкерот претходно испловил од Венецуела и повторно се вратил во регионот. Британската компанија за управување со поморски ризици Vanguard навела дека AIS сигналот на пловилото последен пат бил активен пред 52 дена во ексклузивната економска зона на Венецуела, североисточно од Курасао, што укажува на подолг период на следење.

Американските санкции за „Олина“ не се нови. Пловилото било санкционирано уште во јануари минатата година, кога било познато под името „Minerva M“, токму поради сомнежи за учество во „сива флота“. Претходно оваа недела беше запленет и танкерот „M Sophia“, а според истите извори, уште неколку пловила повторно влегле во венецуелски води или се очекува да се вратат во наредните денови, при што се наведува дека товарот на дел од овие танкери се поврзува со државната компанија PDVSA.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека блокадата на санкционираната венецуелска нафта останува на сила „каде било во светот“, што е сигнал дека Вашингтон планира да продолжи со пресретнувања и надвор од непосредната близина на венецуелските пристаништа, особено по главните поморски рути во Карибите и Атлантикот.

Извор: racin.mk

Back to top button
Close