Садула Изаири избран за нов член на Судски совет
Судијата Садула Изаири од Основниот суд Тетово освои најмногу гласови на денешните непосредни избори за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои се над 20 отсто во државата. За Изаири гласале 179 судии од вкупно 390 кои го искористиле правото на глас.

„Вкупно гласачи кои се запишани во Изборниот именик се 418 од кои вкупно гласале 390 гласачи, односно 93% од гласачите. Неважечки гласачки ливчиња вкупно има 12“, изјави судијата Осман Шабани, претседател на Комисија за спроведување на изборите.
Во трка за местото во Судскиот совет беа уште петмина кандидати – Африм Јакупи, судија на Апелацискиот суд Гостивар; Улбер Хасани, судија на Основниот граѓански суд Скопје; Хасан Асани, судија/претседател на Основниот суд Тетово; Џемали Саити, судија на Врховниот суд и Шпреса Граинца-Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.
„Напоменувам дека ова се прелиминарни резултати, поради тоа што тече рокот за приговори од пет часа. За конечниот резултат во текот на утрешниот ден ќе биде објавено соопштение на страницата на Судскиот совет“, рече судијата Шабани.






