Сахин: Вакцината може да биде ефикасна и против новата мутација на коронавирусот

Голема е веројатноста вакцината да биде ефикасна против новата мутација на коронавирусот, изјави Угур Сахин, научник и директор на компанијата „БиоНТек“, чија вакцина е одобрена во ЕУ.

Тој за Дојче Веле изјави дека се надева дека на имунизација на населението до следната зима и дека стапката на хоспитализација на стари лица ќе се намали за неколку месеци.

Со оглед на тоа дека ЕМА ќе ја објави одлуката за американската вакцина на „Модерна“ на 6 јануари, Сахин вели дека тоа дава надеж дека наскоро ќе можат да се најдат доволно вакцини на пазарот за да се стави пандемијата под контрола до следната зима.

Тој посочува дека за тоа треба да се имунизираат 60 до 70 проценти од луѓето.

Што се однесува до новиот вид коронавирус што за првпат беше забележан во Велика Британија, директорот на „БиоНТек“ вели дека сè уште не е познато дали е отпорен на вакцината.

– Се уште не знаеме, бидејќи не сме направиле тестови, вели Сахин и најавува дека во следните две недели „БиоНТек“ ќе провери каков е одговорот на таа мутација на нивната вакцина.

Тој смета дека постои голема веројатност вакцината да биде ефикасна против новиот вид на вирусот, бидејќи, иако оваа варијанта има повеќе мутации, само еден процент од релевантниот протеин е променет.

– Ова значи дека 99 проценти е исто, а нашата вакцина предизвикува имунолошки одговор со напад на протеините на вирусот од повеќе страни, додаде научникот. 

Back to top button
Close