Сакал да го рекетира градоначалникот на Неготино, па му пишувал смртни закани
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против едно лице од Неготино за кривично дело изнуда, како и загрозување на сигурноста.
„Кривичните дела ги извршил спрема градоначалникот на Неготино. На 2 септември, од анонимен фејсбук профил му пишал на градоначалникот и со сериозни директни закани кон него и неговото семејство се обидел да го присили да му исплати 3.000 евра.
Во периодот од 4 до 18 септември, во неколку наврати осомничениот испраќал пораки со смртни закани на градоначалникот и на официјалната електронска пошта на општината, со што кај оштетениот и неговото семејство предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Бидејќи постојат законските основи – опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, извести ОЈО.
Извор: fokus.mk