Сали: Немаме конкретен предлог на маса за нашите позиции во Владата ако влезе Алијанса

Министерството за здравство е еден од посакуваниот ресор што Алијанса за Албанците сака да го предводи доколку стане дел од Владата, што би значело дека Алтернатива ќе мора да го отстапи. Меѓутоа, министерот за здравство Беким Сали вели дека до овој момент нема конкретен предлог кои би позициите на неговата партија Алтернатива во случај на проширување на владиното мнозинство.

„Сè уште немаме конкретно на маса ниту предлог за нашите позиции во владата доколку би имало проширување на мнозинството ниту, пак, кои се позициите што Алијанса ги има обезбедено од другите партнери во мнозинството и затоа не можам да коментирам ништо конкретно кои се нашите позиции“рече Сали.

Вчера премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека сака да ја задржи Алтернатива во Владата, но ниту тој не спомена како би изгледала поделбата на ресори меѓу владините партнери.

„Алтернатива е значаен партнер во Владата и имам исклучително мислење за сите наши коалициски партнери. Во текот на денешниот и утрешниот ден ќе има разговори и со Алтернатива, со господинот Гаши и неговите колеги. Јас се надевам дека ќе се постигне позитивен исход од тие разговори со цел сите заедно да може да продолжиме кон градење коалиција која се залага за европска Македонија и која ќе обезбеди влез на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година“изјави вчера Ковачевски.

За разговорите со Алијанса за Албанците, премиерот рече дека се водат во „навистина добар дух и атмосфера“. Лидерот на оваа партија, Арбен Таравари, пак, вчера најави финален договор би можел да се очекува во текот на денешниот ден

Back to top button
Close