Сали: Сакаме сите барања на матичните лекари да ги исполниме во пакет, а не секој месец да се одобруваат по две барања

На третиот ден од тридневниот штрајк на матичните лекари во земјава, министерот за здравство Беким Сали кажа дека барањата на лекарите од примарното ниво треба да се исполнат во пакет, а не секој месец да се одобруваат по две барања оти, како што кажа, во тој случај цело време ќе се занимаваме со промоција на примарната здравствена заштита знаејќи во какви услови работат сите здравствени работници.

Тој посочи дека начинот на бојкотирање и условување од страна на матичните лекари го смета како начин на притисок врз креаторот на политиките, односно врз него како министер, врз Министерството за здравство и врз Фондот за здравствено осигурување.

„Ние сакаме сите точки, сите барања кои што ги сметаме за легитимни да ги овозможиме и да кажеме – да, реформи во примарната здравствена заштита се овие, начинот на функционирање е овој, покриеност во сите делови на државата ќе обезбедиме на овој начин и сето тоа ќе го обезбедиме со толку дополнителни средства во системот – додаде Сали.

Изјавата на министерот доаѓа на третиот ден од штрајкот на матичните лекари во земјава кои со бојкот на работните обврски го изразуваат револтот поради неисполнување на нивните барања од страна на здравствените власти.

Претходно вчера, министерот изјави дека само 25 отсто од матичните лекари во земјава се во штрајк. Тој посочи дека две од трите големи здруженија на матичните лекари во земјава не се дел од штрајкот и не се вклучиле во изразување на, како што рече, таков вид на бојкот на работа во којшто жртви односно подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот.

Back to top button
Close