Сали: Сумата која ја бара италијанската фирма како отштета за договорот за Клинички е околу осум милиони евра


Италијанската компанија за раскинување на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје бара оштета во износ од околу осум милиони евра, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали по потпишувањето на Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост во Владата.

„Имаме еден документ кој што е побарување од осум милиони евра, за којшто исто така, немаме одговор од истата компанија којашто го доби тендерот и беше поништен. На нашето барање за состанок за условно кажано за докажување на долгот, колку е за кој дел и зошто го бара тој износ, не сме имале никаков одговор“, рече Сали.

Во мај 2017 година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи“. Подоцна овој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче.

Министерот Сали неодaмнa во интервју за „360 степени“ откри дека на владина седница презентирал концепт за реорганизација и консолидација на јавните здравствени институции во земјава. Тој рече дека концептот не се однесува само на изградба на нов клинички центар во Скопје, туку и на нови шест регионални болници за да се подобри квалитетот на услугите во секундарното и терциерното здравство, а се води сметка и за здравствениот кадар.

Притоа, посочи министерот, концептот не предвидува дополнителни задолжувања од државата. Сали не сакаше да открие многу во врска со начинот на финансирање, но рече дека прво ќе се разговара со домашните бизнисмени и стопанските комори за да се види дали може да најдат интерес.

Во однос на локацијата на која би се градел новиот клинички центар во Скопје, министерот рече дека била правена СВОТ-анализа за шест локации во главниот град, при што, на крај, повторно Веле Поле, покрај обиколницата во Општина Ѓорче Петров, се покажала како најсоодветна. Таа локација беше промовирана уште во 2019 година.

Back to top button
Close