Саливан: Рускиот напад може да почне во следните часови или денови и ќе биде екстремно насилен

Американските власти наведуваат дека потезите на Москва на теренот се во согласност со подготовките за инвазијата на Украина, пишува Си-Ен-Ен.

Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, кој е запознаен со најновите разузнавачки информации изјави дека подготовките на руската армија продолжуваат без прекин, додавајќи дека „нема забавување“.

-Тактичките показатели покажуваат дека руските сили на теренот долж границата со Украина го прават токму она што би го направиле доколку им било кажано да нападнат, додаде Саливан.

Тој денеска изјави дека рускиот напад врз Украина „може да почне во следните неколку часа или дена и дека ќе биде екстремно насилен“.

-Ние веруваме дека секоја воена операција од големината за која веруваме дека Русите планирале ќе биде исклучително насилна. Животите на Украинците и Русите, и цивили и војници, ќе бидат изгубени. Но, исто така, ние  имаме разузнавачки податоци што сугерираат уште поголема бруталност бидејќи ова нема да биде конвенционална војна меѓу две армии. Тоа ќе биде војна што Русија ќе ја почне против украинскиот народ,  за да го прегази, рече Саливан.

Други индикатори, додаваат други безбедносни извори, како што се блокирање на електронската опрема и широко распространетите хакерски напади, сè уште не се евидентирани, пренесе Си-Ен-Ен.

Истите извори наведуваат дека наредбите за напад секогаш може да се повлечат и велат дека Русите можеби намерно маневрираат долж границата за да ги измамат САД и сојузниците.

Back to top button
Close