Салвадор во Македонија

Има една чудесна реплика во култниот филм „Третиот човек“ на Керол Рид, едeн мрачен трилер од 1949 година, чие дејство е сместено во Виена окупирана од сојузниците. Орсон Велс, „третиот човек“, криумчар на пеницилин, му го кажува ова на Џозеф Котен во темните улици:
„Впрочем, не е толку страшно. Знаеш што рече човекот – во Италија, триесет години под Борџија, имаа војна, терор, убиства и крвопролевање, но ги создадоа Микеланџело, Леонардо да Винчи и ренесансата. Во Швајцарија имаа братска љубов, имаа петстотини години демократија и мир – и што создаде тоа? Часовникот со кукавица“.
Има тука одредени неточности. На пример, часовникот со кукавица е измислен во јужна Германија. А Швајцарија беше генерално сиромашна земја пред да се ориентира на банкарството. И тоа она тајното. Но, репликата на Орсон Велс во голема мерка е точна. Швајцарија стана богата, многу богата, поради својата многувековна неутралност, апсорбирајќи ги тајните пари и од најголемите злосторници и деспоти низ вековите. На одреден начин, Швајцарија ѝ беше потребна на жестоко поделената Европа исцрпена од долги крвави војни.
Еден гостин во Скопје оваа недела, Крис Павловски, директор и основач на „Рамбл“ компанија која е онлајн видео платформа, веб-хостинг и бизнис за услуги во облак со седиште во Торонто, Канада, ја оживеа во македонската јавност идејата на Ванчо Михајлов за Македонија како „Швајцарија на Балканот“. Не дека таа идеја во последниве триесетина години не беше одвреме-навреме споменувана во овдешната десничарска јавност, но нејзиното промовирање од човекот кого Владата и премиерот Христијан Мицкоски го споменуваат како нивен многу важен пријател кој се наоѓал во периметарот на Доналд Трамп, поттикна нагаѓања дали можеби една од идеите на овие македонски власти не е државата да тргне по некаков швајцарски пат, кога веќе не може да излезе од европскиот ќор-сокак.
Македонскиот „часовник со кукавица“
Каков би бил македонскиот „часовник со кукавица“, кој може да ја донесе невидената благосостојба? Можеби тргувањето со крипто валути, или претворање на Македонија во светски веб-хостинг. Павловски, чии родители потекнуваат од Преспа, а тој самиот се претставува како Канаѓанец, за кого провладините медиуми пишуваа оди со пофалби, отиде и чекор понатаму велејќи дека на Македонија не ѝ треба Европската унија. Павловски, како овдешен Индијана Џонс, навестуваше дека можеби ќе го бара и гробот на Александар Македонски. Но тоа се филмски сновиденија. Оние што можат да бидат реални ги кажа во интервју за Сител. Не е неважно да се чуе што мисли еден од влијателните советници на владата за можната иднина на Македонија.

Тој рече:
„Има многу можности за инвестирање во Македонија, земјата може да биде Швајцарија на Балканот. Фокусирајте се на енергија, на вештачка интелегенција и на крипто и ќе имате многу просперитет во државата. Можете да станете следна Швајцарија за идните генерации. Можам да помогнам со вработувања, да донесам бизниси или инвестиции. Мислам дека Македонија не треба толку да се грижи за остатокот од светот, не треба толку да се грижи за ЕУ, ниту за кое било друго место во светот, туку треба да се грижи за самата себе, и оти може да биде Швајцарија на Балканот, или во светот.
Швајцарија многу добро ја користи перцепцијата дека е неутрална, и мислам дека Македонија може да го направи тоа. Мислам дека на ваков начин може да просперира, слично како што направи Ел Салвадор во Централна Америка. Мислам дека Македонија го има тој потенцијал да биде неутрална држава која ќе се држи настрана од политичките случувања и да се фокусира на економијата на државата, да ги отстрани бариерите за граѓаните и тоа треба да биде фокус“.
За споменувањето на Швајцарија може да има некаква плодна почва кај некого, дури и во владата. Но Македонија да тргне по патот на Ел Салвадор веќе изгледа контроверзно. Дури и политички непристојно да се зема примерот на една земја од Централна Америка, речиси изедена од децениската граѓанска војна, крвавите пресметки меѓу нарко картелите, илјадниците убиени луѓе по улиците и сега драконскиот систем на затворање на престапниците во озлогласени затвори. Каде Доналд Трамп ги носи на служење казна некои од најпознатите злосторници во САД.
Но споменувањето на Ел Салвадор од страна на Крис Павловски не е за оваа жестока пресметка од претседателот Наиб Букеле, кој самиот себеси се нарече „кул диктатор“, туку во обидот на владата да го воведе биткоинот како легална и регуларна валута во платниот систем на државата. Од светската крипто заедница тоа се славеше како визионерски потег, кој, сепак, на почетокот од оваа година пропадна. Па, да одиме подлабоко во сугестијата на Павловски.
Во септември 2021 година, Ел Салвадор стана првата земја што го усвои биткоинот како законско средство за плаќање. Во тоа време, претседателот Букеле тврдеше дека смелата одлука ќе промовира финансиска инклузија, ќе ја зголеми ефикасноста на дознаките и ќе ги поттикне приватните инвестиции, особено оние поврзани со новите технологии. Но, мерката предизвика основани загрижености во врска со имплементацијата и макроекономските прашања. Од самиот почеток, употребата на биткоинот во Ел Салвадор се соочи со практични предизвици. Повеќето луѓе не беа подготвени да ги поддржат владините трошоци за негово промовирање, а недостатокот на доверба кон крипто-средството значително ја намали неговата употреба во бизнисот, одржувајќи го американскиот долар како преферирана валута. Податоците од минатата година покажаа дека само осум отсто од населението го користеле биткоинот во трансакциите, а дознаките преку владината е-валута, Chivo, исто така беа бавни, што објаснува зошто само 1% од вкупните дознаки вклучуваа крипто-средства. Букеле дури и сонуваше за футуристички „Град на биткоин“ во една од најдрагоцените шуми во државата кои растат во солена вода и кој требаше да биде напојуван од вулканска енергија.
Сето тоа, или поголемиот дел, пропадна по само три години. На Ел Салвадор и на претседателот Букеле му требаа свежи пари за потклекнатата економија и тој се обрати кај оној кој најмалку го сакаше – Меѓународниот монетарен фонд. Затоа што немаше подобар избор.
Кога Ел Салвадор побара надворешно финансирање, ММФ јасно го постави својот став: Биткоинот претставува макроекономски ризик и ако земјата сака меѓународна поддршка, ќе мора да ги намали своите крипто амбиции. Договор со ММФ за заем од 1,4 милијарди долари за 6,3 милионската земја на почетокот од оваа година бара од владата да ги намали купувањата на биткоини, постепено да ја укине е-валутата Chivo и да го елиминира условот бизнисите да прифаќаат биткоин.
Ова е важен момент во глобалниот монетарен пејзаж. ММФ уште еднаш го демонстрираше своето влијание врз малите економии, зајакнувајќи ја реалноста дека дури и во децентрализиран свет, централизираните финансиски институции сè уште ги имаат контролите. Ел Салвадор мораше да избере помеѓу финансиски суверенитет преку биткоин и финансиска стабилност преку поддршка од ММФ. Го избра второто.

„Економист“ на почетокот од март објави текст насловен „Дивиот крипто експеримент на Ел Салвадор заврши со неуспех“. Тоа беше силна порака до сите инвеститори во светот. Во текстот стоеше дека Ел Салвадор го намали својот крипто проект, а биткоинот повеќе не е законско средство за плаќање, дозволувајќи ѝ на земјата да обезбеди заем од ММФ во 1,4 милијарди долари. ММФ го одобри заемот за да ги намали финансиските ризици откако Ел Салвадор покажа посветеност за плаќање на своите долгови. Големата популарност на претседателот Букеле е поттикната од неговото сузбивање на криминалот, а не од крипто иницијативата. Иако биткоинот останува резервна актива, неговата употреба како законско средство за плаќање е завршена поради тоа што за земјата имаше повеќе трошоци отколку придобивки. Сега Ел Салвадор ќе треба да функционира како регуларна, а не како крипто економија за да може да ги отплаќа долговите и по можност да просперира.
„Рамбл“ во Ел Салвадор
Но да одиме подлабоко во сугестијата на Крис Павловски за примерот на Ел Салвадор да се пренесе во Македонија.
Таа можеби е директно поврзана со влегувањето на неговата компанија „Рамбл“ во Ел Салвадор.
Во јануари годинава Павловски беше во Сан Салвадор и имаше една пријателска и опуштена средба со претседателот Наиб Букеле. Тогаш салвадорската влада склучи стратешко партнерство со „Рамбл“ за да подобри технолошката инфраструктура на земјата. „Рамбл“ ќе му обезбеди на Ел Салвадор низа клауд услуги, вклучувајќи складирање во облак (складирање на објекти и блокови), бази на податоци, балансери на оптоварување и интеграција со Kubernetes. Крис Павловски нагласи дека договорот не само што нуди можности за иновации во земјата, туку претставува и клучен момент за раст на компанијата.
„Овој договор означува важна пресвртница за ‘Рамбл’, бидејќи покажува дека владите веруваат во нашата инфраструктура, можности и сигурност за справување со нивните најкритични потреби за компјутерски и податочни потреби“, изјави тогаш Павловски.
Заедно со Павловски во Сан Салвадор беше извршниот директор на компанијата „Тетер“ која работи со крипто средства, Паоло Ардоино. „Тетер“ во јануари оваа година го пресели своето седиште во Ел Салвадор, бидејќи властите на Букеле им дозволуваат на крипто фирмите да работат без даноци и регулативи – и користат дополнителните даночни олеснувања за да акумулираат недвижен имот во центарот на Сан Салвадор, заедно со преселени американски крипто инфлуенсери и членови на семејството на Букеле. Еден од сопствениците на „Тетер“, Џанкарло Девасини, беше заедно со Павловски оваа недела во Скопје и се сретна со премиерот Мицкоски.
За време на јануарската средба со Букеле, салвадорскиот претседател го охрабрил Крис Павловски да го пресели седиштетот на „Рамбл“ од Канада во Ел Салвадор слично на „Тетер“. Таквата преселба можеби има смисла затоа што „Тетер“ е голем инвеститор во „Рамбл“.

Уште подлабоко во сугестијата, во приказната се појавува уште еден пријател од Америка на Христијан Мицкоски – министерот за трговија на САД, Хауард Лутник. Тој и неговото семејство имаат обемни деловни интереси поврзани со Ел Салвадор. Централноамериканската земја има бројни врски со сојузниците на Доналд Трамп кои се обидуваат да заработат пари од разни потфати кои понекогаш го привлекуваат вниманието на властите или етичките надзорници. Неодамнешните поднесоци на американската Комисија за хартии од вредност и Канцеларијата за владина етика, заедно со јавните записи во САД и Ел Салвадор, укажуваат дека „Кантор Фицџералд“, фирмата што Лутник ја водеше до пред неколку недели пред да ја предаде на менаџерски тим, вклучувајќи ги и двајцата негови синови, поседува ефективен 5% удел во компанијата „Тетер“.
Една од инвестициите на Кантор беше купување акции во вредност од 775 милиони долари во „Рамбл“, која е платформа на социјалната мрежа на Трамп, во договор што се склучи во февруари. Освен што го олесни купувањето – што им овозможи на инсајдерите на „Рамбл“ да заработат неочекувани приходи со девет и десет цифри – „Кантор“ на Лутник е долгорочен инвеститор во „Рамбл“.
Пред ова имаше и други зделки. А по неа ќе има и други. Сето тоа се врти во еден круг – бизнис пријателите и сојузници на Трамп и режимот на „кул диктаторот“ Наиб Букеле. Крис Павловски вели дека Македонија треба да се угледа на Ел Салвадор за да „просперира“. Онаму каде што тој, неговата компанија и неговите бизнис пријатели имаат плодна почва да прават милиони и милијарди долари. И можеби да добие „кул диктатор“.
Љупчо Поповски
Извор: DW