Салвадорските власти запленија 4,3 тони кокаин на отворено море
Салвадорските власти заплениле 4,3 тони кокаин во рација на четири бродови на отворено море на Тихиот Океан и уапсиле осум Еквадорци и еден Колумбиец, изјави вчера салвадорскиот претседател Наиб Букеле, цитиран од француските медиуми.
-Нашата национална морнарица нанесе историски удар против шверцот со дрога во првите денови на 2025 година, правејќи четири заплени во една мисија на отворено море, рече Букеле.
Запленети се 4,3 тони кокаин во вредност од повеќе од 100 милиони долари, објасни салвадорскиот претседател, опишувајќи ја операцијата како сериозен удар врз организираниот криминал.
Француските медиуми потсетуваат дека салвадорската морнарица често спроведува слични поморски операции.
Земјите од Централна Америка се дел од клучна рута за пласман на дрогата, која доаѓа од Јужна Америка (главно од Колумбија, Еквадор и Перу) и патува до САД, државата која е најголемиот светски потрошувач на кокаин.