Самит на „Економист“ : ЕУ не смее да гради ѕидови, треба да се отвори кон Западен Балкан  

Учесниците на Самитот изразија надеж дека процесот на проширување на ЕУ е сѐ уште жив и ја повикаа Унијата да ги исполни ветувањата дадени кон Западен Балкан.

Европската Унија мора да направи чекор напред и да преземе одговорност за иднината на Западен Балкан. Унијата ќе плати висока цена ако не ги исполни ветувањата. ЕУ многу вложува, таа е најголем економски и политички партнер на Западен Балкан, но и многу добива од регионот. Поради тоа, не смеат да се градат ѕидови и да се затвораат очите за проблемите коишто се случуваат во регионот. Ова е пораката којашто ја испратија учесниците на  Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист“. Пост-пандемското закрепнување на земјите во регионот, иднината на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, како и отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, беа главните теми на коишто се осврнаа учениците на самитот. Тие изразија надеж дека процесот на проширување на ЕУ е се уште жив и ја повикаа Унијата да ги исполни ветувањата дадени кон Западен Балкан, и покрај внатрешните проблеми и превривања со коишто се соочува.

 

Висока цена

„Овој регион припаѓа на Европа. ЕУ ќе плати висока цена ако не ги исполни ветувањата“, вели поранешниот германски вицеканцелар, Јошка Фишер, кој оцени дека Унијата е во комплицирана ситуација поради внатрешните премрежја (Холандија, Полска) и има многу предизвици внатре во ЕУ коишто го блокираат процесот на проширување. Европа, според него, е во комплицирана гео-политичка ситуација, што би можело да биде шанса за Западен балкан и за обновување на процесот на проширување.

„Треба да се убедат Европејците дека треба да продолжи тој процес. Ни треба свеж почеток на процесот на проширување и на тоа треба да работиме сите, со цел да се искористат сите предности на економски и на политички план од интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ“, вели Фишер. Тој предупредува дека не е умно да и се отвори вратата на Кина – на краток рок тоа можеби ќе биде добро, но на долг рок ќе ја ослабне Унијата.

 

„Не е паметно да се отвора вратата за неевропски актери како Кина. Можеби има краткорочни бенефити, но на долг рок тоа ќе го ослабне европскиот интегративен процес. Бидете внимателни во оваа игра меѓу Кина и Западот. Тоа може да биде опасно за влезот во ЕУ на долг рок“, предупреди Фишер.

Жртви и компромиси

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, кој на Самитот се вклучи преку видео-врска, вели дека Северна Македонија направи многу жртви и политички компомиси со цел да оди напред. „Но, ние не сме подготвени да им дадеме ниту датум. Тоа е голема одговорност за ЕУ“, рече Папандреу, потенцирајќи дека Западен Балкан секогаш имал визија за заедничка соработка и за унапредување на демократијата. Но, поранешниот грчки премиер е дециден дека на земјите од Западен Балкан мора да им се кажат прецизни датуми, да се постави патоказ за нивниот напредок кон ЕУ. Унијата мора да направи чекор и да преземе одговорност за иднината на регионот“, дециден е тој.

„Ние не можеме да градиме ѕидови околу ЕУ, за да ги игнориране проблемите во земјите коишто се слушуваат во регионот. Ако има криминал во регионот, проблем со мигрантите, тоа ќе се одрази и на Унијата“, порача Папандреу.

Дека ЕУ се бори да го исполни ветеното кон регионот, потврдува и евроамбасадорот Дејвид Гир. Неговите пораки се дека ЕУ е најголем партнер и инвеститор во регионот, дека Северна Македонија и Албанија ги исполнија реформите и во интеерес на ЕУ е да го испорача ветоеното. Заедничкиот пазар, во кој ќе биде вклучен и регионот, според него, би можел да ги смени правилата на игра во глобални рамки.

Што ќе донесе Северна Македонија во Унијата ако се надминат препреките?

Ова е едно од прашањата коишто се наметнуваат во дискусиите за иднината на Западен Балкан. Вицепремиерот Никола Димитров вели дека ЕУ е најголемиот политички е економски партнер на земјата. „ЕУ дава, но и многу добива од Западен Балкан“, додава тој.

„За да се врати довербата потребни ни се конкретни дела. Со цел да се отвори ново поглавје, потребно е Бугарија да преземе одговорност, да се преземе лидерство, оти го губиме моментумот“, предупреди Димитров. Тој вели дека Западен Балкан не е центар на универзумот и дека е свесен за сите кризи со коишто се соочува Унијата изминативе години. „Но, ние сме атриумот на европската куќа. Ќе мора да се зачува жив процесот на трансормација кој е добар и за регионот и за ЕУ. Немаме алтернатива“, дециден е Димитров.

 

По изборите нова шанса

Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека шансите за отстранување на бугарското вето ќе се зголемат по изборите во двете земји. Иако не гледа можност за решение до крајот на годинава, бидејќи политичарите не можат да ветат нешто такво, поради изборите во Бугарија, тој се надева на позитивен сигнал до декември.

„Решението меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во регионот, има влијание и врз земјата. Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години“, вели Заев.

Во однос на дилемата дали јазикот и историјата ќе бидат предмет на преговори, Заев вели дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање. „Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо“, изјави Заев.

Заев ги повика сите инвеститори да инвестираат во Северна Македонија, потенцирајќи дека земјата постигнала значителен напредок.

Тој ги повика сите инвеститори да инвестираат во Северна Македонија, потенцирајќи дека земјата постигнала значителен напредок. „Благодарејќи на растот од 5,6 проценти во првото полугодие, односно 13,1 проценти само во вториот квартал од оваа година, неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти. Нашите проекции за оваа година се дека растот може да надмине 4,1 процент, со очекувања дека извозот ќе забележи раст од 10,6 проценти, а бруто-инвестициите раст од 8 проценти“, вели Заев.

Но, и покрај видливите знаци за оптимизам за блиска иднина, во економијата нештата можат да се променат многу брзо. Во последно време Европа, а и целиот свет ги зафаќа страв од инфлација, којашто е резултат на структурни и слични поместувања во пост-ковид периодот, но и високата и нестабилна цена на електричната енергија, додаде тој. Таквите движења, според премиерот, може да бидат „увезени“ и во Северна Македонија. „Ние сме на отворен пазар. Владата е посветена на водење координирана монетарна и фискална политика и останува да биде присутна за интервенирање во случај на евентуални ценовни шокови“, додаде Заев.

Извор: дв

Back to top button
Close