Самит на ЕУ: план за „повторно вооружување на Европа“
Со оглед на тоа што САД ја прекинаа воената и финансиска поддршка за Украина и нивната посветеност на европската безбедност е неизвесна, ЕУ нема друг избор освен сериозно да се занимава со унапредувањето на сопствената безбедност.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласува дека ситуацијата е полоша од било кога и во писмо до лидерите на ЕУ наведува дека континентот „се соочува со јасна и непосредна закана каква што никој од нас не доживеал во својот живот како возрасни лица. Загрозена е иднината на слободна и суверена Украина, како и безбедна и просперитетна Европа“, смета таа,
Повеќе пари за војската
Таа се надева дека планот за „Повторно вооружување на Европа“ ќе отстрани дел од економските изговори што владите досега ги користеа за ниските буџети за одбрана.

Еден начин е да им се дозволи на владите да ги прекршат правилата за максималниот сооднос на долгот спрема БДП кога станува збор за издатоци за одбрана. Фон дер Лајен вели дека дополнителни инвестиции од 1,5 отсто од БДП во секоја земја-членка би значеле речиси 650 милијарди евра повеќе за воената индустрија во следните четири години.
Планот предвидува и создавање на нов механизам за обезбедување 150 милијарди евра преку заеми гарантирани од заедничкиот буџет на ЕУ, концепт што предизвика контроверзии во некои земји.
Тие средства, како што објаснува функционер на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, може да ги користат две или три земји-членки кои соработуваат, или две, заедно со Украина. Целта е заеднички да се набави опрема и постават капацитети од големи размери, како противвоздушна и антиракетна одбрана, беспилотни летала и средства за сајбер безбедност, особено во областите каде Европа во моментов зависи од САД. Истиот висок функционер на ЕУ, вели дека посакуваниот исход од самитот е лидерите „да навестат дека овие предлози треба брзо да се усвојат“, за да може ЕУ да создаде своја, кредибилна одбрана.
Унгарија и Словачка како пречка?
Унгарија и Словачка го сигнализираа своето вообичаено противење на какви било потези за помош на Украина. Словачкиот премиер Роберт Фицо дури објави писмо кое така започнува. Сепак, има простор и за оптимистичко толкување на истото – дека Фицо нема да ги блокира одлуките на ЕУ кои не ја обврзуваат Словачка финансиски да учествува.
А основната цел на планот е државите прво да добијат пристап до средства за подобрување на сопствената одбрана.
Џузепе Спатафора, истражувач во Институтот за безбедносни студии на ЕУ, смета дека планот на Урсула фон дер Лајен може да добие едногласна поддршка, дури и ако тоа не се случи веднаш на самитот. Влогот, посочува, е голем. Спатафора неодамна објави студија за тоа како би изгледале нештата доколку САД ѝ сврти грб на ЕУ.
Тој оценува дека фактот што пакетот содржи голем број опции – дополнително задолжување, трошење за заеднички набавки, пренасочување пари од кохезионите фондови за воени цели – „претставува начин да се постигне максимална согласност“. Тој, исто така, смета дека релативно реткото споменување на Украина во планот е наменето „да се избегне вето од поединечни членки“.
Сепак, Спатафора смета дека дури и за земјите на кои не им е непријатно ЕУ да преземе поголема улога во областите кои обично се одговорност на националните влади или НАТО, „мора да се започнете со парите“. „Улогата на ЕУ ќе биде добредојдена доколку обезбеди дополнителни ресурси, првенствено пари“, вели тој.
Пресврт во Шведска
Шведска досега беше меѓу земјите кои се воздржуваа да прифатат поголема улога на ЕУ – и заедничко финансирање – во областа на одбраната. Кале Хакансон, истражувач во Шведската агенција за истражувања за одбраната, вели дека има „промена на тонот и итноста“ во последните денови, по влошувањето на односите меѓу претседателот Доналд Трампи Володимир Зеленски во петокот, 28 февруари, и последователниот прекин на американската помош за Украина.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон сега го извести својот парламент дека целосно го поддржува пакетот „Повторно вооружување на Европа“, откако другите држави кои претходно беа резервирани, како Финска, Данска и Германија, исто така ги сменија своите позиции.

„Шведска не сака да биде последна“, изјави Хакансон. „Овој пакет се подготвува веќе подолго време, но мислам дека амбициите веројатно се зголемија во изминатите неколку недели. Постои вистинско чувство на итност и вистински страв дека Европа може да биде оставена сама“, вели тој.
Германија и илјада милијарди нов долг
Зборувајќи за промена на ставовите, само неколку часа откако Фон дер Лајен го претстави својот пакет предлози, веројатните идни партнери во новата германска влада, Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократите (СПД), објавија дека имаат намера да го укинат ограничувањето на задолжувањето веднаш штом ќе ја преземат власта за да овозможат поголеми издатоци за одбрана. Веројатниот иден канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) ветува дополнителни 500 милијарди евра за одбраната, заедно со уште 500 милијарди евра за инфраструктура.
Џереми Клиф од тинк-тенкот на Европскиот совет за надворешни односи вели дека промените во Германија се „зачудувачки“, како и „чистата фискална сила“ што ќе се ослободи од таквите промени.

Вртење нов лист, започнување нова книга
Напуштајќи го состанокот во Лондон, чиј домаќин во неделата беше Велика Британија, Урсула фон дер Лајен рече дека сака да обезбеди толку многу помош за Украина што таа ќе стане „челично бодликаво прасе“ способна да издржи надворешни напади. Ако земјите на ЕУ максимално ги искористат новите инструменти што им ги нуди за подобрување на сопствените капацитети, и самата Унија ќе добие важен слој на самоодбрана.
„Дали е тоа доволно за иднината? Веројатно не. Но, како прв чекор, мислам дека тоа е всушност доста импресивно“, рече висок дипломат на ЕУ, кој исто така сакаше да остане анонимен. Тој уште поодлучно го оценува значењето на планот „Повторно вооружување на Европа“ и вели дека „се врти нов лист. Мислам дека сега започнуваме нова книга, која се вика Европа на одбраната“.(dw)