Самит за Украина во Лондон: Се формира „коалиција на волни“
По скандалот во Белата куќа, Велика Британија и Франција сакаат да постигнат прекин на огнот во Украина. И други земји се подготвени да се приклучат на „коалицијата на волните“, изјави британскиот премиер Кир Стармер.
На состанокот на поддржувачите на Украина во Лондон, според британскиот премиер Кир Стармер, голем број земји најавиле дека ќе се приклучат на нова „коалиција на волните”. Стармер по самитот најави дека неговата земја ќе обезбеди повеќе од 1,9 милијарди евра за 5 илјади противвоздушни ракети од британско производство. Тој рече дека не сака да критикува никого, но тоа е подобро отколку да се чека на секоја поединечна земја во Европа.
Двете држави сега предлагаат едномесечен прекин на огнот во Украина. Ова го изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за францускиот весник „Фигаро“ веднаш по самитот. Ова треба да создаде простор за дипломатски решенија.
Останува да се види каква улога ќе игра Германија во новата воена помош. Германскиот канцелар Олаф Шолц и по самитот ја повтори посветеноста на финансиска и воена поддршка за Украина. Мир во Украина ќе се постигне со тоа што Русија ќе ја прекине војната, рече Шолц. По завршувањето на војната, на Украина ќе ѝ биде потребна силна армија за да се одбрани. Сепак, конкретни ветувања од Шолц немаше.
Шолц бара прекин на руските бомбардирања
Шолц предупреди да не се прифаќа руската перспектива во конфликтот. „Целта на Русија од секогаш беше да етаблира влада во Украина која ќе танцува по руската свирка, тоа не може да се прифати“, оцени Шолц.
Украина е европска земја која одлучи дека сака влез во ЕУ и е демократска и суверена нација, истакна Шолц и додаде дека тоа „така мора и да остане”.
Не може да се прифати ниту руското барање за демилитаризација на Украина, рече канцеларот. Напротив, Украина мора да стане толку воено силна што веќе нема да биде нападната, смета Шолц, според кого можна почетна точка за мировни преговори може да биде крајот на руските бомбардирања.
Фон дер Лајен: Европа мора да се вооружи
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, повика на „итно“ вооружување на Европа. За таа цел на претстојниот вонреден самит на ЕУ во четврток таа ќе претстави „сеопфатен план“. Неопходно е, нагласува таа, да се подигнат издатоците за одбрана на „подолг временски период“. Постигнување договор во четврток е малку веројатно поради унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој повикува на директни разговори со Русија.
Кризен самит за поддршка на Украина во Лондон, Велика Британија Кризен самит за поддршка на Украина во Лондон, Велика Британија
Според генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, некои учесници на самитот му ги претставиле своите планови за трошоците за одбраната. Руте не сакаше да коментира детали и посочи дека тоа е работа на на шефовите на држави и влади. Полскиот премиер Доналд Туск истакна дека ЕУ и САД мора заеднички да најдат решение за ставање крај на војната во Украина. „Мора да се направи сѐ за Европа и САД да зборуваат едногласно“, рече Туск.
Велика Британија и Франција се предводници
Уште пред почетокот на средбата Стармер најави дека Велика Британија и Франција сакаат да претстават заеднички план за прекин на огнот во Украина. „Се договоривме дека Обединетото Кралство ќе работи со Франција, а можеби и со уште една или две други земји и Украина на план за прекин на борбите“, рече Стармер во интервју за Би-Би-Си. За планот потоа треба да се разговара со САД.
На краткорочно свиканиот состанок покрај Стармер учествуваа Олаф Шолц, Урсула фон дер Лајен, Доналд Туск и Марк Руте, како и францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанската премиерка Џорџија Мелони, премиерот на Канада, Џастин Трудо, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и други.
Мелони, која негува блиски врски со опкружувањето на Доналд Трамп, уште пред средбата имаше билатерална дискусија со Стармер. Таа предупреди на поделба на Западот и ја нагласи улогата на Италија и на Велика Британија како градителите на „мостови“ кон САД под претседателот Трамп. Самитот во Лондон се одржа два дена по невидениот скандал меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба.
По раздорот меѓу Вашингтон и Киев, прашање е дали ќе дојде до брзо продолжување на разговорите за евентуален договор за суровини меѓу двете земји. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се уште е подготвен да го потпише контроверзниот договор за минерали со САД. „Без разлика што се случи, нашата политика е да останеме конструктивни“, рече Зеленски по самитот за Украина во Лондон. „Овој договор ќе биде потпишан кога страните ќе бидат подготвени“, изјави тој за неколку британски медиуми. (dw)