Самитот ЕУ-Западен Балкан обид за придвижување на процесот на решавање на спорот меѓу Скопје и Софија

Поддршка за евроинтегративниот процес, јасна заложба дека местото на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан е во Европската Унија, но и можност за придвижување на процесот за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија очекува македонскиот државен врв од денешниот Самитот ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Брдо кај Крањ.

Делегацијата на Северна Македонија на Самитот ја предводи премиерот Зоран Заев, а во неа ќе бидат и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.

Заев вчера изјави дека Самитот во Брдо не е самит на којшто се одлучува, од кој може да се очекува прва меѓувладина конференција, отворање поглавје, туку очекувањата се однесуваат на чисти јасни пораки од ЕУ за интеграцијата на Западен Балкан во Унијата.

– Колку пораката е почиста, попрецизна и пофер кон земјите од Западен Балкан и фер кон ЕУ тоа дополнително ќе значи мотивација и стимул на сите да продолжат да работат пред се граѓаните, институциите, владите, парламентите сите заедно на европскиот пат, на реформите и интегрирањето на нашите земји, рече Заев.

Премиерот истакна дека очекува чисти пораки кон Северна Македонија и целиот Западен Балкан дека Европа останува целсоно фокусирана кон интеграциите на Западен Балкан со сите детали внатре. – А како успеваат реформите, како чекориме напред, како се исполнети условите така да продолжиме, изразувајќи очекување ЕУ до крајот на годината да го испорача следниот чекор, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција, нагласи Заев.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, вчера од Атина, по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, истакна оти ја очекува поддршката на Грција на Самитот ЕУ- Западен Балкан.

– Го замолив како влијателен член и на Европската народна партија, последниве години и како премиер на една земја членка која би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите во името, туку и за воспоставување стратешко партнерство на Северна Македонија и Хеленската Република, дека во тој дел очекуваме негова поддршка и помош со оние претставници од земјите членки коишто се се уште скептични во прв ред со Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би имале негативна забелешка за втората држава која неформално е третирана со нас во пакет, Република Албанија, објасни претседателот.

Шефот на државата рече дека не побарал некои гаранции или некакво ветување, бидејќи тоа не зависи од Мицотакис.

– Но, добив јасна заложба и јасна изјава од негова страна дека тоа до сега го правел, а ќе го прави и понатаму и притоа тој спомна неколку имиња на влијателни политичари на земји членки на ЕУ, кои не се директно инволвирани во спорот се разбира, но можат да влијаат во позадина и да се обидат на тој сеевропски собир да објаснат кој е резонот, која е каузата зошто Западниот Балкан треба генерално да се приближува кон Брисел, а сега не се приближува, истакна претседателот.

Со порака за важноста на интрегрирањето на Западен Балкан во ЕУ вчера излезе и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој посочи дека иднината на Унијата и на регионот се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што е прашањето на справување со пандемијата, мора да бидат надминати преку заеднички и унифициран пристап.

Тој на Варшавскиот безбедносен форум на панелот насловен „ЕУ – кредибилен партнер за Западен Балкан? Научени лекции од глобалната пандемија“ истакна дека пандемијата покажала дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, завчера на Економскиот форум во Белград истакна дека ако ЕУ не може да ги приближи работите кон подобро на Балканот, нема да може на направи ништо никаде, ни во Сирија, ниту во односите со други држави, бидејќи овде кај нас го има најголемото влијание, и географски и политички и економски и секакво. Димитров е убеден дека немањето ангажман или оставањето на Балканот по страна, ќе чини многу повеќе отколку неговата европеизација.

Тој посочи дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на регионот е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.

Со очекување за поддршка вчера излезе и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој беше во Љубљана на самит на Европската народна партија.

– Очекувам како што кажавте недвосмислена поддршка и целосна поддршка за интеграција на Западниот Балкан во рамките на ЕУ и јасна европска перспектива за земјите од регионот, изјави Мицкоски.

Тој изрази загриженост, како што рече, поради информацијата која што ја добил.

– На инсистирање на една земја-членка на ЕУ да се фиксира прецизна дата која што би била краен рок за интегрирање на земјите кои што се дел од Западниот Балкан, две земји членки за жал не прифатиле да биде тоа дел од заклучоците на утрешниот Самит на шефови и Влади на ЕУ посветен на Западен Балкан. И со тоа практично се доведува во знак прашање јасната и недвосмислена европска перспектива на земјите од Западен Балкан, истакна вчера Мицкоски.

Тој вчера имал средба со претседателот на ЕПП Доналд Туск, на која посочил дека државата „влегува во нов циклус на криза и постојано се оддалечува од датум за преговори со Европската Унија“.

Заев денеска на маргините на Самитот на средби со Радев, Вархеји, Меркел и Макрон

Премиерот Заев, пак, денеска на маргините на Самитот ќе има средби со бугарскиот претседател Румен Радев, словенечкиот премиер Јанез Јанша, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон.

Од Влада информираа дека Заев ќе има заедничка работна средба со Макрон, Меркел и Радев. Заедничка средба на Заев и Радев е предвидена и со Јанша и Вархеји. Заев посебна билатерлна средба ќе има со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. На маргините на Самитот премиерот Заев ќе има билатерални средби и со премиерката на Естонија, Каја Калас и премиерот на Ирска, Мајкл Мартин.

 

 

 

 

 

 

 

Средбите се можност за придвижување на процесот на решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија и изнаоѓање на конструктивно решение, кое ќе овозможи кревање на бугарското вето и одржување на првата меѓувладина конференција со земјава во декември.

За средбите вчера потврди и самиот Заев, кој посочи дека на нив ќе се разговара за изнаоѓање решение.

– Сакам да потврдам дека утре рано со работен појадок почнувам состанок со комесарот Вархеји и премиерот на Словенија како земја претседавач со Европскиот совет и заедно со претседателот Румен Радев, секако тие до крај треба да бидат потврдени, но во агендата веќе се вклопени. Веднаш потоа ќе имам состанок со канцеларката Меркел, со претседателот Макрон и претседателот Радев. Секако, знаете дека ќе разговараме за изнаоѓање на решение и уште еднаш да ја испратиме позитивната порака и на билатералното пријателство, добрососедство и соработка, но и заложбите на Бугарија за интеграција на Западен Балкан во ЕУ, како и на Северна Македонија конечно да го направи чекорот којшто толку долго го очекува, истакна вчера Заев.

Премиерот повтори оти е оптимист и оти тоа го поткрепува со аргументи и чекори и одлуки што, како што рече, прво значат конкретно заштита што е за нас важно, а тоа е нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, Македонци како народ, но истовремено и изнаоѓање решение.

Пендаровски вчера од Атина говорејќи за ситуацијата со Бугарија, објасни дека спорот треба да се реши пред сѐ билатерално.

– Спорот помеѓу Скопје и Софија треба да се реши пред сѐ билатерално, а сите други треба да направат амбиент и да креираат атмосфера во која ќе стане и јасно на целата ЕУ, на сите земји членки дека прашањето на интеграција не само на Северна Македонија во ЕУ, туку и на целиот Западен Балкан во последниве години стана и геостратешко прашање и затоа има дополнителна тежина и во внатрешните политички концентрации во Брисел дека не треба да се чека, има екстра регионални играчи, како што ги нарекуваме, има ентитети кои се залагаат за поинакви политички модели и управување, не би смееле да дозволиме алтернатива на европскиот и евроатлантскиот цел на вредности, посочи претседателот.

Објасни дека постојат контакти на работно ниво меѓу двете министерства за надворешни работи, иако Бугарија има техничка влада и повторно е во кампања.

– Она што е значајно и дека ЕУ и словенечкото претседателство негуваат надеж и се обидуваат на секаков можен начин главните актери и тие во позадина што им помагаат,  што им олеснуваат и кои седат на маса да ја завршат целата работа до крајот на годината и најверојатно, ако воопшто се договориме со нашите пријатели во Софија тоа би било во периодот од 21 ноември кога завршува вториот круг на изборите во Бугарија и се до првите 10-15 дена од месец декември, објасни претседателот Пендаровски.

Бугарскиот претседател Румен Радев деновиве во телефонски разговор со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер истакна дека Бугарија во својот дијалог со Република Северна Македонија „ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на Европската Унија, што се темелат на демократија и почитување на човековите права“.

– Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права кај нашиот југозападен сосед, што ќе ја забрза европската интеграција на Република Северна Македонија, нагласил Радев.

А потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова смета дека во моментов нема причина за промена на бугарската позиција кон Република Северна Македонија, и покрај сериозниот притисок врз кој Бугарија ќе биде подложена од нејзините европски партнери на самитот ЕУ-Западен Балкан.

 

 

 

 

 

 

 

Според Јотова, Бугарија уште еднаш ќе ја повтори својата теза дека за неа најважно е да се почитуваат правата на граѓаните во Република Северна Македонија со бугарска самосвест. Јотова посочува дека резултатите од пописот што се одржува во Република Северна Македонија, ќе бидат многу важни за Бугарија.

Дека се зголемува меѓународниот притисок врз Бугарија во однос на спорот со Скопје, потврди и вчерашната порака на американскиот претседател Џо Бајден, непосредно пред одржувањето на Самитот. – Проширувањето на ЕУ да продолжи и да ја вклучи и Северна Македонија, порача Бајден.

Тој вчера во телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен нагласил дека процесот на проширување треба да продолжи со земјите од Западен Балкан и да ја вклучи Северна Македонија. За разговорот објави вчера на својот официјален твитер налог американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

– Бајден и нагласил на Фон дер Лајен дека процесот на проширување треба да продолжи со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, подвлекувајќи го нејзиното значење за регионалната стабилност, развој и просперитет, стои на твитер налогот на амбасадорката Брнз.

Во соопштението од Белата куќа за разговорот се наведува дека претседателот Бајден, вчера во разговорот со Фон дер Лајен ја потврдил неговата поддршка за ЕУ, како клучен партнер за Соединетите Држави, и неговата посветеност да продолжи со спроведувањето на резултатите од јунскиот самит САД-ЕУ. Меѓу другото се наведува дека „лидерите разговараа и за Западен Балкан и претседателот Бајден пренесе силна поддршка за продолжување на процесот на пристапување со земјите од овој регион“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close