само 10 бездомници преноќуваат во Пунктот за бездомници

Ниските температури што изминатиот период го зафатија Скопје, најмногу го чувствуваат луѓето што немаат свој дом и кои се принудени да спијат под ведро небо на минусни температури. Во обид да им се помогне и да им се најдат соодветно место за престој во овој период од годината Пунктот за бездомници во Момин Поток веќе подолг период овозможува згрижување за бездомните граѓани. Во моментот, според информациите добиени од Црвениот крст на Град Скопје, само 10 бездомници преноќуваат во Пунктот за бездомници и на тој начин имаат топло прибежиште од студеното време, во овој за нив најкритичен период од годината.

Стационарниот дел во пунктот за бездомници го сочинуваат машко и женско одделение, во кои вкупниот капацитет за згрижување е 32 легла. По ниските температури што го зафатија градот Скопје, делот што е наменет за преноќување се отвори непосредно пред Нова година и во изминатиот месец вкупно 10 бездомни лица побараа да бидат згрижени во овој простор – информираат од Црвениот крст на Град Скопје.

Сепак, бројот на бездомници кои се решаваат да ја искористат можноста за да преспијат на топло и суво место е исклучително мал во споредба со бројката луѓе од оваа категорија граѓани кои во среда и петок го посетуваат Пунктот за бездомници во Момин поток. Во овие два дена од неделата, бездомните лица добиваат храна, напитоци, медицинска и правна помош, можност да се избањаат, пресоблечат и сл.

– Вкупната бројка на бездомници што редовно го посетуваат пунктот во двата дена (среда и петок) е 160 бездомни лица. Бездомните лица во пунктот добиваат услуги од фризер/бербер, преглед и совети од лекар како и лекови, топол оброк и напитоци, стручно-советодавен разговор со социјален работник и психолог – велат од Црвениот крст.

Кога станува збор за оброците кои се наменети за оваа ранлива категорија граѓани, новитет е тоа што, според најавите, секоја среда и петок, во Пунктот ќе бидат обезбедени по 160 топли оброци од Град Скопје.

Повеќе

 

Back to top button
Close