Само 72 граѓани досега се изјасниле како Бугари на пописот во Македонија – дипломат бара да се одземаат бугарски пасоши
Само 72 жители на Македонија досега се изјасниле како Бугари на пописот на населението што е во тек, пишува поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев.
Анчев додава дека останатите 130.000 баратели на бугарски државјанства потпишале изјава пред нотар дека имаат бугарско потекло и национално сознание, што значи дека дале лажна изјава – дело казниво според бугарскиот кривичен законик.
Дипломатот повикува да им се одземат пасошите на сите оние кои имаат бугарски државјанства, а не се изјаснуваат како Бугари.
„Некои од најголемите критичари на Бугарија на социјалните мрежи, кои најсилно извикуваат: „Бугари-татари“, се горди носители на бугарски пасоши. Од таа гледна точка, следува да запрашам: Дали ни се неопходни такви бугарски граѓани? Носители на бугарски пасош, кои со ништо не придонесуваат кон бугарската нација и бугарскиот народ. Поради таквите, кај мене се раѓа дилемата дали да предложам нешто екстремно: да ја укинеме натурализацијата, односно да им го одземеме државјанството на носителите на бугарски пасоши кои не се самоопределуваат како Бугари на актуелниот попис во РСМ“, вели Анчев во текстот.