Само четвртина од отпадните води во Македонија пречистени во 2024 година
Во Македонија, во текот на 2024 година, само 24,5% од отпадните води биле пречистени, додека огромни 75,5% завршиле директно непрочистени во животната средина. Со тоа земјата продолжува да се соочува со сериозен проблем кој со години наназад е еден од најголемите причинители за загадување на реките, езерата и подземните води.
Иако обврските преземени од европските директиви се пренесени во националното законодавство, нивната практична примена се одвива бавно и со ограничени резултати. Загрижувачки е што во 2024 година вкупното количество отпадни води дури било за 12% поголемо отколку во 2023 година.
Опасноста од губење на средства од европските фондови е реална, како што покажува примерот со канализацијата во Битола. Еколошките организации оценуваат дека тешко ќе се постигне брз напредок, иако секоја земја-членка е должна да изгради пречистителни станици и да ја примени европската Директива за урбани отпадни води. На ваквата состојба се укажува и во Индикаторскиот извештај за животната средина од 2022 година.
Во Извештајот стои: „Редовното пречистување на отпадните води и заштитата на реките мора да станат врвен политички приоритет, на сите нивоа. Иако се бележи подобрување во квалитетот на водотеците, уште не е постигнат добар еколошки статус“.
Националната стратегија за води исто така нагласува дека обезбедувањето висок степен на пречистување преку изградба на јавни канализациони системи и пречистителни станици е од клучно значење.
Главни загадувачи остануваат општинските канализациони системи кои ги собираат отпадните води од домаќинствата и индустријата. Некои реки, меѓу кои и Драгор во Битола – нарекувана и „мртва река“ – се претворени во отворени колектори за фекални и индустриски отпадни води.
Локалните власти и Министерството за животна средина со години најавуваат изградба на нова мрежа и пречистителна станица, но проектот се одвива со бавни чекори. Сè уште не е склучен договор со изведувачот за канализационата мрежа, иако јавната набавка е завршена. Ова носи ризик од повлекување на европските средства, а граѓаните, кои со години се соочуваат со последиците, остануваат разочарани.
Иако им беше ветено дека станицата ќе биде завршена до 2027 година, битолчани сè помалку веруваат дека деценискиот проблем со отпадните води ќе биде решен.