Само еден отсто од младите сметаат дека добиваат целосна грижа од Владата

Невладината организација Хера, по повод 12 август – Денот на младите во светот, денеска објави истражување за младите со кое алармира дека во нашата држава тие се соочуваат со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина и потенцираат дека само еден отсто од младата популација смета дека добиваат целосна грижа од Владата.

Како главни проблеми, од Хера ги посочуваат неквалитетното образование, слабата институционална поддршка, корупцијата, но и високото невработеност на младата популација, од кои скоро 24 проценти од луѓето на возраст од 15 до 29 години се ниту вработени, ниту студираат, ниту се дел од обуки.

„Поради високото ниво на невработеност, неквалитетното образование, недостатокот на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава.

Според официјалните податоци, 23,7 отсто од младите луѓе на возраст од 15 до 29 години се т.н. NEET – ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек и сериозен сигнал за системска негрижа за оваа генерација“, посочуваат од Хера.

Од организацијата забележуваат дека според податоците од најновата Национална стратегија за млади 2023–2027, младите во земјата се соочуваат со ограничен пристап до услуги, ниско ниво на учество во јавниот живот и недоверба во институциите – повеќе од две третини од младите, сметаат дека не се вклучени соодветно во процесот на донесување на одлуки и дури 70 отсто од младите не се заинтересирани за политиката.

„Студијата за социо-политичко учество на младите во Северна Македонија потврдува дека половина од младите (51,4 %) сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби и проблеми, а само 1,1 % сметаат дека властите целосно се грижат за нивните потреби и проблеми. Три четвртини од младите (73,7 %) досега не биле вклучени или консултирани од локалните или националните институциите при носењето одлуки. Загрижува и фактот што 74,4 од младите не припаѓаат на ниту една организација или друга форма на организирање“м посочуваат од невладината организација.

Само 19 општини од вкупно 80 имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.

Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се Програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.

Од Хера, по повод Ден на младите, ги повикаа сите кандидати за градоначалници во пресрет на локалните избори, своите програми да ги подготват во консултација и директен дијалог со младите.

„Во пресрет на претстојните локални избори, го користиме овој ден како повик до сите кандидати за градоначалници и советници изборните програми да ги подготват во консултација и дијалог директно со младите. Бараме конкретни чекори за подобрување на условите за живот на младите, не декларативна поддршка“, велат од организацијата.

Меѓу чекорите со кои локалните самоуправи и Владата би помогнале и би се осврнале на подобрување на условите на младите во државата, од Хера ги набројуваат воспоставување функционални младински совети во сите општини, обезебдување јавно достапни простори за младински иницијативи и центри за едукација, особено во помалите општини и рурални средини, потоа воведување на служби за ментално зравје и младинско учество во формирање на локалните стратегии.

„Заминувањето на младите од државата нема да се реши со кампањи и повици за патриотизам и раѓања на деца. Ќе се реши со конкретни, мерливи и долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот. Локалната власт е првата линија на контакт со младите во државата и токму таму треба да се започне со вистинските промени.“, велат од Хера.

Оттаму ги повикуваа институциите, политичарите, медиумите и граѓанското општество да ја третираат младината „не како маргинална група за отчет, туку како рамноправни партнери во носењето одлуки и креирањето на иднината“.

Back to top button
Close