Само полицискиот началник не признава вина, останатите обвинети за шверц на 200 килограми марихуана се спогодија за казни од 3,5 до 5 години затвор

Пет од шестмината обвинети за шверц на 200 килограми марихуана која во април беше запленета во близина на Плетвар во полициска акција во која учествуваше американската ДЕА, признале вина и се спогодиле со Обвинителството. Тие се осудени на затворски казни од три и пол до пет години. Единствено екс командирот на прилепската полиција, Кире Спиркоски, кој е во домашен притвор, не ја призна вината и него го очекува судски процес, информира Телма.

Од кривичниот суд потврдија дека спогодбата е склучена во средата кога е донесена и пресудата. Тие се товареа за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, член 215 ст 3.

„На ден 06.10.2021 година склучена е Предлог-спогодба помеѓу Јавен Обвинител и обвинетите:  А.У. ,  Д.Ј. ,  М.З. , М.С. и Г.К. при што е донесена пресуда со која: обвинетите А.У и Д.Ј. се осудени на казна затвор во траење од 5 години а М.З., М.С. и Г.К. се осудени на казна затвор во траење од 3 години и шест месеци“, соопштија од судот.

Во акцијата во која асистираше ДЕА беше пресечен меѓународен канал, а вредноста на заплените 200 килограми марихуана беше проценета на 800 илјади евра. При претсерите во домовите на обвинетите беа најдени поголеми суми на денари и девизи, накит, оружје и муниција.

повеќе

Back to top button
Close