Само раководниот тим на Еуростандард банка можел да одобрува непокриени кредити и нелегални трансакции

Соопштение на Здружение на оштетени штедачи од ЕСБ Банка

 

Што не е јасно за Трифун Костовски и неговата избрана екипа во Еуростандард банка?

Се случи ѝ тоа. Трифун Костовски го објави јавно извештајот од неговата приватна истрага за пропаѓањето на Еуростандард банка изведена од еминентни експерти, според него платени од средства скриени надвор од неговиот замрзнат имот во државава од страна на судот. Од извештајот може да се утврдат низа кривични дела сторени преку наведени активности спротивни на законското работење во банкарскиот сектор.

Па така, меѓу другото, во Еуростандард банка масовно се користеле кредити спротивно на нивната намена, се фалсификувале документи, се издавале кредити на поврзани клиенти и се вршела несоодветна класификација на ризикот на клиентите. А во основа, извештајот наведува на постоење на неформален систем на позајмување којшто директно допринел за пропаѓањето на банката. Компаниите, клиенти на Еуростандард банка, кои веќе имале кредити или немале соодветни залози, а со тоа не биле ниту подобни да земат кредит од Еуростандард банка, позајмувале пари преку други компании, клиенти на банката, кои биле во можност да земат кредит од истата. Односно, тие посреднички компании ги трансферирале кредитите во позајмици кон неподобните компании, директно или индиректно. На крајот од таа нелегална шема, забранета во банкарското работење, се измирувале достасани обврски кон банката, а да притоа се трансферирала изложеноста од еден на друг клиент, честопати и без потпишани договори во времето на вршење на трансакциите. Масовното практикување на таа шема со години, допринела да се акумулираат огромни финансиски загуби кои несомнено довеле до значајна несолвентност и пропаѓање на банката. За тоа, веројатно, може да посведочат и сопствениците на многуте наведени компании во извештајот, како директни корисници или посредници во таа криминална шема на позајмување, во која се злоупотребувале парите од депозитите на правните и физички лица депоненти во Еуростандард банка.

Но, извештајот не дава јасен одговор на едно клучно прашање. Кој ги потпишувал односно одобрувал сите тие доделени непокриени кредити и нелегални трансакции кон клиентите во банката? Одговорот на ова прашање е едноставен. Тоа е можно и е направено само и исклучиво од раководниот тим на Еуростандард банка, односно од претседателите на управниот, кредитниот и надзорниот одбор, потпомогнати и од нивни колеги на значајни позиции во банката.

Трифун Костовски, свесно или не, заборава да истакне дека како долгогодишен претседател на надзорниот одбор на Еуростандард банка одобрувал непокриени кредити, особено оние со поголеми суми, кои не можат да се наплатат. Сите тие активности не се случиле од никаде, туку биле организирани и се спровеле одвнатре во банката. Ставањето потписи за одобрување на непокриени кредити од Трифун Костовски и неговиот, од него избран раководен тим на банката, спротивно на процедурите и критеримите за нивно одобрување, ја направиле банката несолвентна и ја однесоа во стечај.

За овие и за останати нелегални активности како перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти од Венецуела, измами и други незаконски манипулации наведени во извештајот, се одговара. Тие што потпишувале, тие ја имаат одговорноста и треба да одговараат.

До сега поминаа повеќе од две години од затворањето на Еуростандард банка и година и половина од започнувањето на истрага за организираниот криминал во банката од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Се поставува прашање зошто упорно се молчи за овој очигледен организиран криминал во Еуростандард банка. Видовме, слушнавме и прочитавме за криминалните активности, таксативно објаснети и во извештајот подготвен од ескпертите платени од тој што го водел надзорот во банката и добро знаел што и како се случува со години. Ова се факти, а не приказни. Што уште не е јасно за тоа кој е одговорен за предизвикување стечај на Еуростандард банка и за ред други нелегални активности што се случувале во банката со години!?

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close