Само шеесетина ученици отстранети од матурата поради препишување
Со значително помал број нерегуларности и подобра организација во однос на претходните години, годинашното полагање на државната матура помина во мирна и контролирана атмосфера, оцени министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа истакна дека најголемиот дел од матурантите пристапиле кон испитите одговорно и без обиди за злоупотреба, а организацијата била спроведена на високо ниво.
„Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред и мир, организирана така како што треба, во најголем дел во големи простори, каде што учениците немаа можност да прибегнат кон нелегални дејства“, рече Јаневска.
Според неа, бројот на ученици што биле отстранети од полагањето поради препишување е значително намален во споредба со минатите години.
„Од двата испитни термина отстранети се шеесетина ученици, што покажува дека има одличен напредок во спроведувањето на матурата“, нагласи министерката.
Таа појасни дека станува збор за ученици кои биле затекнати при препишување и веднаш биле исклучени од испитниот процес.
Јаневска информира дека овие ученици ќе добијат можност повторно да полагаат во следниот испитен рок во август.
Осврнувајќи се на новините во процесот, министерката посочи дека годинава е воведен нов пристап со два вида државна матура, приспособени на различните наставни планови и програми, со што, како што рече, е надмината досегашната нерамноправност меѓу учениците.






