Самонадраснување

Сигурен сум дека одамна не бевме слушнале поотрезнувачка, а едновремено и поразочарувачка изјава од онаа дека „државата се надрасна себеси“, па нека е и во контекстот на актуелната пандемија. Отрезнувачка во насоката на дефинитивното развејување на нашите преостанати – ако воопшто нешто и останало – надежи дека сепак живееме во некаква современа цивилизирана држава, дека не е се’ баш така црно како што изгледа, дека некако се придвижуваме напред…

Ама тоа уствари било уште полошо, поцрно, пострашно дури и од тоа што ние сме го претпоставувале. Зашто, прво, изјавата во рамките на онаа фамозна фалбена прес-конференција за победа на короната не беше дадена само за состојбите во македонското здравство односно не вели дека државата се надрасна себеси во здравството и условите што таму ги имаме, туку (смислено) говори за општите услови/состојби кај нас, а на коишто сведочевме и сите ние овие неколку месеци. И се’ уште сведочиме, но за падот на државата, за жал, а не за нејзиното самонадраснување. Инаку, состојбите во македонското здравство се веќе општо место, индиректно или директно познато на сите, така што тука никој не мора посебно да не’ убедува во напорите на здравствените работници во овој период на борба со пандемијата и нивното неспорно самопрегорно надвишување над условите и состојбите. Иако (мора и тоа барем да се спомне) кога низ минатите години и децении се урнисуваше македонското здравство, само малкумина угледни поединци креваа глас и укажуваа на состојбите и идните последици од истите. Другите – молчеа, или беа турбо вклучени токму во разнебитувањето на здравствениот систем! Сега и тоа ни се враќа, со камата. Се разбира, за овие три години оваа власт не можеше многу да направи за рехабилитација на сите сегменти во тој систем. Тоа никој не го ни очекуваше. Иако, за воља на вистината, не очекувавме ниту такво неодговорно однесување од одделни високопозиционирани лекари, директори на клини и сл. Но сепак тоа беа инцидентни примери. Ама не беа инцидентни туку беа речиси секојдневни примерите на непромислени или недоволно промислени заштитни мерки за населението, на контрадикторни одлуки неспроведливи во праксата, на евидентен и крајно приземен колаборационизам помеѓу политиката и здравството (во делот на надлежните комисии)… А сепак, со добра воља, голем дел од овие нешта можеме да ги припишеме на непознатиот вирус, на неискуството во таа област итн. И, во крајна линија, можеби здравството навистина се надрасна себеси во оваа пандемија, ја надрасна онаа голема нула на којашто се наоѓа?

Меѓутоа, се’ друго наоколу, особено „функционирањето“ на целиот државен систем/апарат околу непосредниот здравствен круг, беше/е многу, многу далеку од самонадраснување односно од фалбата дека „државата се надрасна себеси“. Се’, или речиси се’ што видовме како директна државна интервенција – демократска, правна, финансиска, управна, социјална… – беше на ниво на детска градинка или системот „направи сам“. Затоа, впрочем, и ваквите „резултати“, затоа и целосната нефункционалност на системот, затоа и одиумот во јавноста. И, за да предупредам какви и да се опозициски поистоветувања, сакам да кажам дека само неукоста, неспособноста и неразумноста на опозиција – секако дека тука првенствено мислам на остатоците од злосторничкото здружение коешто глуми политичка опозиција – ја спаси власта од подлабоки бранувања, дури и потреси коишто во ова време можеа да бидат фатални за општеството.

Зашто, повторно само како актуелен ама не и единствен пример, доволно е да ја чуете резигнираната констатација на директорот на Пазарниот инспекторат и неговата длабока разочараност не толку од однесувањето на угостителите, на што впрочем сме свикнале, туку од фактот дека неговиот инспекторат не учествувал во изготвувањето но протоколите за угостителските објекти (sic!). Ама затоа учествувале претставници на неколку синдикати на угостителите! И тие носеле мерки/протоколи – за себе!!! Е сега, кој е овде луд, а кој збунет? Луди има, дефинитивно, ама веќе никој не е збунет. Барем никој од нас зашто веќе на сите ни е јасно како (не) функционира овој систем, оваа држава, што (не) можеме да очекуваме од неа, каква „заштита“ и (не)одговорност, каква (не)грижа… И за кое и за какво самонадраснување можеме да говориме!?

Или, ако баш сакате, за какво самонадминување на државата говориме кога токму во државава нејзиниот министер за полиција, во ек на пандемијата, вели дека нема да ги казнува граѓаните бидејќи „илјадници граѓани се без работа и во лоша психичка состојба“? И се’ уште е министер! Што ќе рече дека во надминувањето себеси оваа држава го надминала и значењето и опфатот на министерските ресори па министерот за полиција е всушност и министер за социјала и здравство а министерот за здравство треба да изигрува полицаец, вицепремиерот за евроинтеграции е инспектор за двојазичност, екс-претседателот на Собранието е уставотворец и министер за некултура, министерот за култура е лекар, никој не знае што всушност глуми министерката за финансии… итн. Она на што јавноста сведочеше во изминативе три месеци беше се’ друго освен нормално функционирање на еден систем, на една власт, а камоли – самонадраснување. Не знам, не можам да кажам на што би го припишале овој факт: од (условно) најбезболните дневни гафови до контрадикторно менување уредби со законска сила после само неколку дена, од нелогично драконски и смешни мерки за една категорија граѓани до неконтролирано (и неказнето) јавно дивеење на друга… Ако кон ова ги додадеме и примерите на (најблаго речено) чуден, нејасен молк на државата при скандалозните примери на очебијно непочитување на власта (примерот со несвикувањето на Собранието, примерот со градоначалниците на Струга и Охрид, министерот за полиција и др.), се заокружува една прилично контрапродуктивна и (морам да речам) грда слика за функционирањето на државата. Или, можеби, се самонадраснавме со новиот (којзнае кој по ред) случај „Македонски пошти“?

И во случајов, да речеме дека воопшто и не е битно – иако е многу битно, нели! – дали јавноста ќе добие некакви конкретни одговори на дел од овие и многу други прашања што континуирано се вртат по социјалните мрежи. Но битно е Владата, оваа и идната, во нејзините анализи на овој период, да ги детектира сите тие слаби алки во синџирот на управувањето со државата во вакви услови и да ги менаџира институционалните и човечките ресурси на поинаков начин.

 

Златко Теодосиевски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close