Самостојна изложба  „Мозаик колаж“  и „Работилници за мозаик“ на познатиот ликовен уметник Никола Упевче

Академскиот сликар Никола Упевче, во среда, 29. Јули,  започнува со неговата „Работилници за мозаик“, на кои ќе создаваат,  секојдневно, млади автори,  организирани во  помали групи, согласно мерките и протоколите  за заштита.

Оваа,  несекојдневна и атрактивна културна содржина, ќе се одржува во, исто така, атрактивниот простор на Лапидариумот од Куќата на Робевци, односно Музејот на НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од  Охрид.

Претходно, на истиот простор, Упевче отвори самостојна изложба „МОЗАИК КОЛАЖ“, која ќе трае до 7 август.

Проектот е финансиран во годишната програма од Министерството за култура.

На изложбата, Упевче се претставам со оригинални дела, како и репродукции на изведени дела печатени во формат 1:1, работени во изминатите 22 години.

На дел од изложбениот простор презентирани се  бројни мозаици на кои уметникот работел како конзерватор и реставратор на овој вид културно наследство од Охрид и околината, со примери и иницијативи на соработки со конзерватори од целиот регион на Европа и особено Југоисточна Европа.

Посебен акцент е даден на  замислата, на едно отворено ателје, посетителите да имаат можност да се запознаат со начините за изработка на помали мозаични фрагменти секако со почитување на строгите мерки на претпазливост како и препораките за лична заштита.

За одбележување  е и навистина квалитетно изработениот Каталог на кој видливо се истакнаи симболите на Општина Охрид и изработката на печатена верзија од „Мозаичната мапа на град Охрид и Лихнид“.

-Ателјето на Никола Упевче открива волшебни светови соткаени од камен каде посетителот брзо ја исчитува длабоката слоевитост на видливото. Гледајќи го како работи со голема вештина и знаење, не само за мозаичните учења, туку и за антиката која е негова голема инспирација, се увидува дека не станува збор само за завиден мајсторлук и напор, туку и за голем мерак при творењето. Тој успева преку тврдиот камен да створи мекотија во изразот, пренесувајќи ја неговата природна боја, нам обично затскриена. Секое поединечно камче е облагородено преку неговиот допир пред да стане дел од една наративна целина која раскажува илјадници приказни – стории за Плаошник и Канео, за езерото и рибите, за охридските цркви, куќи и луѓе кои пред него оставиле печат во градот. Авторот не само што ја пренесува историјата преку уникатен сликовен облик, нурнувајќи во световите што му претходат, туку ја толкува и сегашноста. Па така неговиот Охрид ни го пренесува со извонредна деталност пред кој гледачот останува долго испитувајќи ја сопствената просторна ориентација. Уметноста на Упевче секако создава уште една трага во милениумската стратиграфија на градот и останува како уште едно сведоштво за создавачкиот континуитет, пишува во Каталоогот, Александра Николоска, од Македонска академија на науките и уметностите.

Поместен е и текстот на Алесандро Лугар, од  Специјалниот надзор на Колосеумот, односно Националниот римски музеј и Археолошката област на Рим:

-Го запознав Никола во Мароко во 2011 година (X-от Меѓународен Комитет за Конзервација на Мозаици – ICCM), се знаeвме и претходно, но за време на таа конференција имавме можност да разговараме за нашата работа, да се запознаеме. Имаше непосредно чувство, хармонија во начинот на соочување со работата, животот. Потоа полека се роди силно пријателство. Работевме заедно и во реставрацијата, како научно, така и во изработката на мозаици, во Македонија, во Италија. Среќен сум што го запознав Никола, со него влегов во Македонија, во неговиот свет. Ја запознав неговата земја, неговото езеро, неговото семејство, неговата култура, неговиот професионализам, неговата имагинација. Желбата да се живее е очигледна во неговите мозаици, желбата да се игра, да се забавува е силна. Комбинира бои, мермер, стакло и други материјали со рафинирана техника и свој препознатлив јазик. Очигледно е во неговата работа дека кога работи се насмевнува, се бори – додека се забавува, ова го прави неуморен, вулкански. Неговите дела се тродимензионални, тие излегуваат на виделина, доаѓаат до Вас, Ве вклучуваат, Ве носат и Ве однесуваат низ боите и формите за да Ве натераат да го почувствувате неговото расположение, неговата бесконечна желба да се изрази.

Веле Митаноски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close