Самоуништувачки синдром

Денес е празник. Прв училиштен ден за основците и средношколците. Празник за сите нас и за генерациите коишто треба да ги подготвиме и збогатиме со нови знаење и вештини за претстојниот животот.

Започна новата воспитно-образовна година. Следниот месец ќе отпочне учебната година во високото образование. Со радост нека ни е, но застрашувачки се податоците за бројот на запишани деца во основно, средно и високо образование. Бројката не надминува ниту 300 илјади деца, што претставува неполни 16%-17% од вкупната популација на Република Македонија. Процент кој укажува на долгорочни и сериозни проблеми.

Во дамнешни времиња, во времето на СФРЈ, овие бројки беа повеќе од 40% од вкупната популација.

Училишниот џагор веќе ја нема истата фрекфенција во сите училишта и факултети. Во многу училишта, особено вон урбаните средини, зјаат празни училници. Доколку ги има, учат и работат заедно почнувајќи од прво одделение, па до полуматура. Можно ли е во ист клас првачиња и матуранти?

И училишното sвонче како да нема енергија, ја губи смислата за почеток и крај. Радоста се создава од децата кои заеднички го поминуваат својот училиштен век. Какви услови за радост им оставаме…

Сведоци сме на масовно иселување на работоспособна популација. Со своите родители заминуваат и децата кои во основа се наше, македонско наследство.

Не постои поопасна болест од белата чума. Расејување на наше семе низ светот.

Замислете, од вкупната популација на граѓани во Република Македонија, само 17% се наши деца кои ги подготвуваме за нивниот иден живот.

Ги паметам времињата од моето рано детство, кога во основно и средно образование се бараше место за влегување во училишните простории.

Во моето основно училиште бевме околу 37 до 43 деца во иста просторија. Седевме и по три ученици во иста клупа. Денес тоа е мисловна именка.

На што се должи ваквиот синдром на себеуништување? Без младата популација која доаѓа зад нас, без нашето капитално наследство ние сме ништо. Кому да му го оставиме аманетот…

Почитувани читатели, главниот проблем за денешната состојба на Република Македонија ја гледам токму во парламентарниот систем кој беше имплементиран во Македонија во 1991 година.

Жално е што ваквата имплементација, за модерен начин на функционалност на државата , кај нас ги покажа најгрдите резултати. Уништено стопанство, образование, здравство, уништивме сѐ што го стекнавме во некогашната Сојузна Република Југославија.

Масовното заминување на работно способната генерација не ја осудувам, бидејќи животот на секој поединец и неговото семејство е побитен отколку лажната национална љубов, која денеска од петни жили се фаворизира од политичките субјекти, притоа не нудејќи никаков просперитет. Се покажа дека демократијата како систем не е за секого. Искуствата што ги доживеавме во изминатиот период сведочат дека таа не покажа функционалност во нашето живеење.

Се ближат локалните избори и веќе живееме во ера на масовни ветувања од партиите. Се нудат кандидати за градоначалници и советници со вербални решенија за сѐ. Сѐ додека не дојдат на власт. Тогаш само еден проблем останува да се реши, а тоа е решавањето на ветеното.

Замислете, некои сериозните кандидати се убедени во својата победа велејќи дека сета благодарност ја даваат кон Бога и премиерот Мицковски, за тоа што стануваат кандидати.

Се прашувам себе си, а ве прашувам и вас, за каков градоначалник говориме? Дали треба да биде изгласан од нас граѓаните на Град Скопје или од Бога и Мицковски? За каков партиски лидер говориме кој полека, но сигурно се претставува како нов Вучиќ во Македонија.

Сведоци сме која е цената што ја плаќа Србија за самопрогласениот српски лидер Вучиќ кој знае сѐ и сешто во владеењето на централната и локална власт.

Наместо да учиме од туѓото искуство за жал кај нас во Македонија истото се практикува на голема сцена.

Прав лидер е државник кој создава лидери околу себе, а не послушници. За големината на вистинскиот лидер говори тимот со кој работи во партијата и во владата.

Ниту Вучиќ, ниту Мицковски немаат тимови кои што ќе им дадат вистинска поддршка за она што сакаат да бидат.

Почитувани читатели, гневот владее во мене. Верував во секоја нова влада мислејќи дека ќе донесе вистински просперитет на државата. Повторно Курто и Мурто се нашето секојдневие.

Заклучувам дека од демократијата ништо не научивме. Напротив, со ваквата македонска демократија го уништивме и тоа што го имавме.

Некогаш бевме горди граѓани на СФРЈ почитувани во цел свет. Денес тоа е минато. Тешко дека ќе можеме да го повратиме тој статус на почитувани граѓани во светот.

Демократскиот систем имплементиран во нашата Македонија ни ја уби иднината.

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close