Санду: Мнозинството граѓани на Молдавија не поддржуваат обединување со Романија

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, денеска соопшти дека во земјата не постои мнозинска поддршка за идејата за обединување со Романија.
Повикувајќи се на последните анкети од септември 2025 година, Санду појасни дека речиси 46 отсто од граѓаните би гласале против обединување на евентуален референдум, додека 33 отсто би биле „за“.
– Ние сме демократска земја и строго ја следиме волјата на граѓаните, изјави Санду, додавајќи дека нејзин приоритет е мирот и безбедноста на земјата.
Иако претседателката претходно во интервју за британски медиуми изјави дека таа лично би гласала за обединување, денеска нагласи дека најреален пат за обезбедување на иднината на Молдавија е нејзината интеграција во Европската Унија, проект кој ужива широка граѓанска поддршка.






