Саниран пожарот на градската депонија „Острец“ во Делчево

 Саниран е пожарот на градската депонија чиј густ чад во текот на вчерашниот ден беше видно заблежлив како се шири над градот Делчево. Пожарот во моментот е изгаснат, а како што информираа надлежните од комуналното претпријатие, гаснењето траело до доцните вечерни часови.

– Во попладневните часови во текот на вчерашниот ден, беше запалена, односно самозапалена депонијата за комунален отпад „Острец“. Од страна на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ Делчево веднаш е интервенирано со две градежни машини ровокопачи и камион кипер и до доцните вечерни часови опожарениот простор е саниран со земја и песок, информираа од ЈКП „Брегалница“.

Со оглед на тоа дека опожарување на депонијата постојано се случува во попладневни часови за време на викенд, од претпријатието додадоа дека голем е сомнежот дека се работи за намерно запалување на истата, но не е исклучена можноста и од самозапалување.

– Поради ова во текот на денешниот ден до МВР ОВР Делчево ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител заради испитување на случајот, додадоа од ЈКП „Брегалница“.

Според сомнежот на надлежните опожарувањето го вршат лица кои собираат секундарни суровини.

Back to top button
Close