Санкции од владата на Џонсон за пет руски банки и за тројца олигарси блиски до Путин
Велика Британија воведе санкции за пет руски банки и три лица, соопшти премиерот Борис Џонсон.
Во говорот пред пратениците во долниот дом на Парламентот, Џонсон додаде дека ова е само првиот пакет санкции и оти тие ќе бидат проширени доколку ситуацијата ескалира.
Станува збор за банките „Росија“, „ИС Банка“, „Генерал банка“, „Промсвјазбанк“ и „Црноморска банка“, како и за санкции против Генадиј Тимченко, Борис Ротенберг и Игор Ротенберг, кои важат за многу богати Руси блиски до претседателот Владимир Путин.
„Целиот имот што го поседуваат во Обединетото Кралство ќе биде замрзнат, а на засегнатите лица ќе им биде забрането да патуваат овде, а ќе им забраниме и на сите британски поединци и ентитети да имаат каква било работа со нив. Ова е првата транша, првиот бараж од она што сме подготвени да го направиме – рече Џонсон.
Кризата во Украина кулминира синоќа откако рускиот претседател го потпиша указот за признавање на независноста на самопрогласените републики Донецк и Луганск, а потоа војската ја испрати во овие територии „за да обезбеди мир“.