„Сапорт Кочани“, Сојузот на извидници и Калина Чакареска се добитници на наградата за младинско учество

Младинската иницијатива родена како одговор на трагедијата во дискотеката „Пулс“ – „Сапорт Кочани“, најстарата младинска организација во Македонија – Сојузот на извидници и средношколката и волонтерка во здружението „Аква“ од Струга – Калина Чакареска се овогодишните добитници на Наградата за младинско учество, пренесе „Радио МОФ“.

Наградите, со кои се препознава и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања, беа доделени на Денот на млади, а организатор беше Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ.

Support Kocani ја добија Наградата во категоријата неформални групи. За нив, од НМСМ посочија дека се работи за група млади, лично засегнати, кои се организираа за да обезбедат итна помош за жртвите и нивните семејства, креирајќи онлајн кампања и ИТ-систем за транспарентно прибирање и распределување на донации.

Односно, успеаја да обезбедат медицинска опрема за болницата и да ја претворат личната загуба во организирана акција на солидарност и општествена одговорност за целата заедница.

„Support Kocani, вашата реакција и организираност во момент на најголемата трагедија е пример дека заедништвото и солидарноста се најголемата сила што ја имаме. Искрено ви честитам за вашата храброст и одговорност, Вашата посветеност останува како инспирација за сите нас“, посочија организаторите при врачување на Наградата.

На Сојузот на извидници на Македонија му беше врачена награда во категоријата младински организации. Се работи за организација со повеќе од 65 години искуство во неформалното образование, а беше наградена за иницијативата „Sunshine Summer Initiative“ – летен камп одржан во Охрид за 45 деца од Украина, целосно организиран од 10 млади волонтери од Македонија.

Како што посочија од НМСМ, кампот обезбеди безбедно, едукативно и забавно летно искуство, поттикнувајќи солидарност, меѓукултурно пријателство и лидерство кај младите.

„Веќе повеќе од шест децении ја градите младинската енергија и лидерството во нашата земја. Со оваа иницијатива уште еднаш покажавте дека младинскиот активизам нема граници и дека пријателството и солидарноста се вредности што поврзуваат. Ви честитаме и ви благодариме за вашата посветеност“, нагласија од НМСМ.

Во индивидуалната категорија (млади на возраст од 15 до 29 години) плакета и’ беше врачена на Калина Чакареска. Таа со лична посветеност ја осмисли и предводеше програмата „Насилство? Првите врски?“, која нуди едукација и поддршка за девојки на возраст од 15 до 22 години во препознавање и спречување на насилство во младите емотивни врски.

Како што објаснија од НМСМ, Калина преку обуки, женски клуб за психолошка поддршка и интерактивни работилници, допре до девојки и од урбани и од рурални средини, промовирајќи родова еднаквост, самодоверба и здрави односи.

„Калина, преку својата работа покажуваш дека промената почнува од еден храбар чекор. Твојата иницијатива не само што подигна свест, туку и создаде заедница на поддршка и солидарност за младите девојки. Ти честитаме што со личен пример докажуваш дека младите можат да бидат двигатели на вистински општествени промени“, нагласија организаторите на Наградата за младинско учество.

Зборувајќи за сите наградени, Ана Матевска, програмска менаџерка во Националниот младински совет на Македонија, нагласи се работи за иницијативи кои се пример и инспирација не само во своите заедници, туку и на национално ниво.

„Овие иницијативи се вистинска потврда дека младите, како индивидуалци, здружени во неформални групи или како организации, со своите идеи, ангажман и упорност, се двигатели на промени и вистински партнери во поттикнувањето на младинското учество. Наградата за младинско учество година ја доделуваме по осми пат. Со ова признание секоја година го славиме ентузијазмот, креативноста и упорноста на младите и младинските организации кои внесуваат позитивни промени и инспирираат други да се вклучат“, соопшти Матевска.

Ивона Кузмановска, в.д. претседателка на НМСМ, рече дека овој Совет повеќе од една деценија е гласот на младите во институциите и во јавноста – платформа што ги обединува формите на младинско организирање со една заедничка цел – да ги претставуваат интересите и потребите на младите.

„Да бидеме мост кој ќе ги поврзе со сите релевантни чинители, и да обезбедиме нивно целосно и активно учество во процесите на донесување одлуки на локално, национално и европско ниво. Да продолжиме заедно – институции, организации, поединци – во градење општество во кое младите не само што имаат глас, туку и реална моќ да ја обликуваат својата сегашност и својата иднина“, посочи Кузмановска.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, рече дека повикот за Наградата за младинско учество е потврда за препознавањето и вреднувањето на ангажираноста на младите во нивните заедници.

„Нека гласот на младите сè погласно одекнува – денес, утре и секој ден потоа“, порача Лимани.

Според претставничката на ОБСЕ, Енрика Вида, младите не се само во фокусот на работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје – тие се клучни партнери: лидери, иноватори и двигатели на промени.

„Секојдневно го гледаме тоа во вашата активност, креативност и посветеност за праведни, безбедни и инклузивни заедници. Преку нашата тригодишна стратегија ќе продолжиме да го поддржуваме младинското учество“, изјави Вида, раководителка на Канцеларијата за политички прашања и комуникации, најавувајќи нова категорија – Наградата за млади и безбедност, која ќе биде доделена следната година.

Инаку, на добитниците на наградите за младинско учество свечено им беа доделени плакети, а по завршување на изборниот процес ќе следи и реализација на наградата. Јавното онлајн гласање за добитници на наградата за младинско учество започна на 10 јули, а заврши заклучно со 31 јули 2025 година. По официјалното затворање на онлајн гласaњето извршена е детална проверка и анализа на доставените гласови преку платформата SurveyLegend. Анализата опфати проверка на техничките параметри (IP адреса, оперативен систем, прелистувач, уред и уникатен External ID) со цел да се утврди валидноста и уникатноста на гласовите. Ваквата постапка на проверка е воспоставена пракса и во претходните години, со цел да се обезбеди фер и транспарентен избор на добитниците, соопштија организаторите.

 

Back to top button
Close