Сателитска ТВ ќе дели бесплатни ресивери за Македонци во Бугарија како одговор на бугарската кампања кај нас

По информациите дека повторно ќе се доделуваат бесплатни ресивери во Македонија за гледање на бугарски телевизиски канали, македонската сателитска телевизија ИНТВ објави дека ќе направи контраакција и ќе доделува бесплатни ресивери за сите Македонци во Бугарија, пренесе Фокус.

„Деновиве на социјалните мрежи кружат соопштенија од Фејсбук-страници зад кои стојат организации од Бугарија, со цел заведување на Македонците. Во нив се тврди дека се доделуваат бесплатни ресивери во Македонија за гледање на бугарски телевизиски програми.

Контра на оваа кампања, Македонската сателитска телевизија ИНТВ објави сопствена акција – бесплатни ресивери за сите Македонци во Бугарија кои се чувствуваат Македонци!

Секој заинтересиран може да се обрати директно до ИНТВ, а ресиверите ќе им бидат доставени.

Македонската песна, култура и традиција – секогаш со вас!“ – порачаа од телевизијата.

Поради големиот интерес, ресиверите ќе се доделуваат преку македонски здруженија во Бугарија.

Ова доаѓа откако бугарските организации како „Фондација Македонија“ ја засилија својата активност во Македонија и покрај тоа што тензиите помеѓу двете земји почнаа да се смируваат.

Организацијата покрај субвенциите за учење на бугарскиот јазик нуди и бесплатно инсталирање на бугарска сателитска телевизија и бесплатни постери на кои пишува „Ние сме еден народ“.

Тие очекуваат да инсталираат бугарска телевизија во 10% од домовите во Македонија во кои живеат Бугари по потекло, а според нивните проценки се работи за 35.000 Македонци кои имаат бугарски пасош и се изјасниле на писмено дека имаат бугарски корени.

Во Македонија неколку години наназад работи бугарското неделно училиште „Здравеи“ во кое деца учат бугарски јазик, литература и историја. За нивниот ангажман децата од Македонија добиваат награда од 30 евра месечно.

Фондацијата формираше и училиште на бугарски литературен јазик, „Св. Наум Преславски“ со 95 ученици од Македонија кое држи онлајн курсеви три часа неделно.

Бугарите имаат засилени активности во областите Голото Брдо, Албанија и во Гора на Косово каде што живеат Македонци. Иницијативата во Голо Брдо се вика „Знај ја Бугарија“ и преку неа на жителите им се подарува бугарска сателитска телевизија и бугарски книги.

Досега Фондацијата подарила над 40.000 бугарски книги на над 11.000 луѓе во Македонија во повеќе од 10 градови и 20 села, а планот е да се поделат 350.000 книги во 350.000 македонски домови.

Back to top button
Close