Сатиричарот Васил Толевски со „Избрани афоризми“ во издание на белградска „Алма“

Најновата книга „Избрани афоризми“ од македонскиот сатиричар Васил Толевски ја објави белградската издавачка куќа „Алма“.

Како што информира Толевски за МИА, во оваа збирка афоризми се поместени афоризмите кои ги објавувал во најпрестижниот портал за хумор и сатира Етна од 2005 до 2020 година, а чиј уредник е Весна Денчиќ, писателка на сатирични дела и поезија. Етна  е првиот портал за хумор, сатира и поезија на Балканот.

Во својот краток предговор на книгата Денчиќ информира дека од декември 2006 година до почетокот на годинава од месец во месец афоризмите на Толевски пристигнувале на адресата на првиото списание за сатира Етна пројавувајќи се’ поголем интерес кај читателската публика.

– Бунтовни пораки на Васил. Несогласување на живот без достоинство, свест и совест, тематски разновидни, но блиски на опкружувањето. Тие се политички ангажирани, горчливи, хумористични и црнохумористични. Афоризмите во оваа книга се сложени според редоследот на објавување во Етна, без наведување на датумот, за да не се разбие целината, но и да се укаже колку долго тапкаме во место, пред и по распадот на Југославија. И сѐ е како на дланка – некому кратка, а на некого долга линија на животот, ќе напише Денчиќ во предговорот.

Толевски во својата 40-годишна творечка активност има издадено повеќе од 20 книги, од кои 10 се авторски сочиненија. Неговите две последни авторски книги беа прогласени за најдобри книги на фестивалот на автори од бившите југословенски простори, во Плевља (награда Типар) и Даниловград (Пеколната рајска градина – Сува река). Добитник е на најрепрезентативните награди во балканските држави, преведен е на десетина светски јазици, а книгите освен во земјава му се објавени и во Србија и Полска.

Идната година тој ќе одбележи јубилеј, 40 години творечка активност, со издавање капитално дело составено од неговите најдобри афоризми и збирка афоризми создавани во последните две години. Тој информира дека во подготовка е и електронски весник за хумор и сатира.

– Во план сум во него да објавуваат и балкански автори од областа на хуморот, сатирата и карикатурата, најави Толевски.

Back to top button
Close