Саудиска Арабија го обнови производството: Клучниот нафтовод повторно во функција

Министерството за енергетика на Саудиска Арабија соопшти дека е обновена работата на две клучни енергетски постројки, по неодамнешните напади врз нафтениот и гасниот сектор во земјата.

Според официјалните информации, повторно е воспоставен полниот капацитет на нафтоводот Исток-Запад, кој достигнува околу седум милиони барели дневно. Истовремено, обновено е и производството на нафтното поле Манифа, со капацитет од приближно 300.000 барели дневно.

Властите информираат дека паралелно се работи и на целосна обнова на постројките во Кураис, од каде се очекува дополнително зголемување на производството за уште 300.000 барели дневно.

Потсетување дека Ријад на 9 април донесе одлука за привремена обустава на дел од енергетските капацитети, откако беа извршени напади врз нафтени, гасни и електроенергетски објекти во главниот град Ријад, источната провинција и индустрискиот град Јанбу.

Со обновувањето на производството, Саудиска Арабија испраќа сигнал за стабилизација на енергетскиот сектор, во момент кога глобалните пазари се чувствителни на секое нарушување во снабдувањето со нафта.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close