Саудискиот престолонаследник во Вашингтон: Средба со Трамп за билатералните односи и регионалните прашања
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман отпатува од Ријад за Соединетите Американски Држави, што е негова прва посета на Вашингтон по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во 2018 година, кое го стави наследникот на престолот под интензивен глобален надзор, јави ДПА.

Кралскиот двор во соопштение, пренесено од Саудиската прес-агенција (СПА), наведе дека посетата следи по директиви од кралот Салман и покана од американскиот претседател.
Престолонаследникот ќе се сретне со претседателот Доналд Трамп „за да разговараат за билатералните односи и начините за нивно зајакнување во различни области, како и за прашања од заеднички интерес“.
Мохамед предводи делегација во која се министрите за надворешни работи, енергетика и финансии, гувернерот на Јавниот инвестициски фонд (ПИФ), суверениот фонд на кралството, како и голем број бизнисмени, изјавија извори за ДПА.
Де факто владетелот на кралството, кој е нашироко познат како МБС, е закажано да се сретне со Трамп денеска во Белата куќа.
Трамп неодамна пред новинарите ја најави посетата на принцот. – Ние ѝ оддаваме почест на Саудиска Арабија, рече Трамп и додаде дека го разгледува барањето на Саудиска Арабија за купување на борбени авиони F-35.
Тој, исто така, посочи дека нормализацијата на Саудиска Арабија со Израел „ќе биде дел“ од разговорите меѓу двајцата.
Трамп би сакал Саудиска Арабија да се приклучи на Договорите од Абрахам, со кој во 2020 година Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го отворија патот за други земји да воспостават дипломатски врски со Израел
Монархијата богата со нафта вели дека е отворена за зближување со Израел, меѓутоа, потегот е условен од патоказ за палестинска државност.
Денешниот состанок ќе биде прва посета на Мохамед на Белата куќа од март 2018 година, кога се сретна со Трамп за време на неговиот прв мандат.
Во октомври 2018 година, убиството на саудискиот критичар со седиште во САД, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул, предизвика глобално негодување и го остави МБС во голема мера отфрлен од Западот неколку години, наведува ДПА.
Кралството беше првата официјална странска станица на Трамп за време на неговата прва и втора администрација.





